ЕКОЛОШКИ ПРЕС-ЦЕНТАР Подобар проток на информации во регионот
Еколошкиот прес-центар од Скопје и Регионалниот центар за животна средина на Централна и Источна Европа го промовираа Регионалниот еколошки прес-центар за Југоисточна Европа, проект што се остварува во рамките на Програмата РЕРЕП. На промоцијата на РЕПЦ зборуваа министерот за животна средина, г. Љубомир Јанев и директорот на РЕЦ од Будимпешта, г. Тони Поповски. Целта на овој центар е подобрување на информираноста за животната средина во регионот, овозможување полесен пристап до информациите за новинарите, подобрување на нивната соработка и соработката со експертите и институциите од регионот. Освен дистрибуција на информации (преку веб-страницата www.repc.net), ќе се даваат совети, ќе се одржуваат обуки за новинари и ќе се зајакнува капацитетот на НВО за подобра соработка со новинарите. Локални канцеларии на РЕПЦ се отворени во Македонија, Југославија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска и Романија. Проектот е финансиран од Владата на Холандија. М.И.
|