ПО КАМПАЊАТА ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО
Со зборувањето за проблемот, тој делумно и се решава
Крајот на минатата година во невладиниот сектор, секако, го одбележија активностите на женските здруженија, а особено оние поврзани со меѓународната кампања против семејното насилство која траеше 16 дена, од 25 ноември до 11 декември. За тоа какви ефекти предизвика оваа кампања со нејзините пропратни активности разговаравме со претседателката на Сојузот на организациите на жените на Македонија, г-ѓа Савка Тодоровска.
- Мислам дека кампањите секогаш многу придонесуваат за афирмација на проблемот, што е важно за неговото решавање. Со зборување за проблемот, веќе еден негов дел се решава. По оваа кампања, во која партнер ни беше организацијата „Конрад Аденауер”, на нашиот СОС-телефон за жени жртви на насилството (97-00), јавувањата се удвоија. До кампањата дневно на овој телефон имавме пет-шест, а сега над десет. Најчесто се јавуваат жени, потоа стари луѓе кои трпат насилство, помал број деца, а ретко и мажи. Но, ние не работиме со мажи кои велат дека се жртви на насилство. Одамна имаме планови за отворање прифатилиште за жени и деца кои се жртви на насилство, за што имаме и поддршка и од Владата на Република Македонија, а и контакти со меѓународни институции кои тоа финансиски би го поддржале. Но, сметаме дека тоа треба да биде од траен карактер, а не само проект што ќе трае три-четири години. Затоа, сериозно се подготвуваме за формирањето ваков центар - вели г-ѓа Тодоровска.
Со мотото „Да сториме барем нешто” во меѓународната кампања против семејното насилство со свои активности учествуваше и организацијата ЕСЕ. Претставничката на оваа организација, г-ѓа Јасмина Фришчиќ, смета дека овие активности, во рамките на кои ЕСЕ спроведе обемна медиумска кампања, имаа голем одѕив и дека тежината на проблемот на семејното насилство им е предочена и на властите и нивните институции, и на пошироката јавност. ЕСЕ во текот на минатата година организираше изготвување на истражување на тема „Темната бројка на семејното насилство во Македонија”, кое го изврши Институтот за социјални и политичко-правни истражувања на Македонија, под раководство на г-ѓа Виолета Чачева.
- Ова е прво научно фундирано истражување на оваа тема кај нас и мислам дека е многу важно за правилно третирање на овој проблем. Истражувањето, кое сите заинтересирани можат да го добијат бесплатно, ако се обратат до ЕСЕ, содржи виктимолошка студија во рамките на која се испитуваа жртвите на насилството и студија која опфаќа кажувања на други лица, вели г-ѓа Фришчиќ.
|