Погледи: Александар Кржаловски
Раселени, поплавени, заборавени
Денешниве „Погледи“ сакам да ги завртиме кон лицата кои се нашле во загрозена состојба предизвикана од разни катастрофи (предизвикани од човекот и природни), нивните проблеми и улогата на граѓанските организации во нивното разрешување.
Во нашиот контекст имаме примери за двете, а тука, пред сe, мислам на раселените лица од кризните подрачја од конфликот во 2001 година и лицата погодени од неодамнешните поплави во Кумановско.
Во Македонија има околу 9.000 внатрешно раселени лица од 2001 година, а ним им се придружија уште околу 4.000 лица од поплавените подрачја. Веројатно малку луѓе знаат дека сe уште има и 35 бегалци од војната во Босна и Херцеговина (пред 1995 година) и околу 3.500 (главно Роми) бегалци од косовската криза (1999 година). А ги спомнувам бидејќи слично се случува и со останатите. По дваесет месеци од раселувањето, с$ помало е вниманието на раселените лица. Семејствата во колективните центри сето ова време живеат во една соба (во некои случаи и три генерации заедно).
По еднонеделното секојдневно присуство во медиумите, веќе нема вести од поплавените подрачја. Поплавите поминаа и веќе не се известува дека во прифатните центри на 120 m2 престојуваат 110 лица.
Какви права имаат овие луѓе?
Најдобро е сите да се вратат во своите домови, колку што може побрзо. Тоа и го направија над 160.000 лица кои беа раселени во текот на конфликтот во 2001 година. Тоа е обврска на државата - да обезбеди безбедни услови за враќање во домовите, а раселените имаат право да се вратат.
Меѓутоа, не сите можат да го направат тоа. Сe уште не се реконструирани дел од уништените живеалишта. Тоа е главен проблем за етничките Албанци (2/3 од раселените лица). За Македонците од Арачиново и за Србите од Матејче проблем број еден е безбедноста. Тие сметаат дека засега нема услови за безбедно враќање, и тие имаат право да не се враќаат (односно, не смеат да бидат присилно вратени).
Тие имаат и право на надомест на штетата. Неколку организации работеа на поправка и реконструкција на оштетените објекти, како форма на рехабилитација на состојбата пред уништувањето. Тие се раководат според минималните стандарди за хуманитарна помош („Сфера“), според кои треба да се обезбедат пристојни услови (најмалку две соби, кујна и купатило) за живот на семејството (според бројот на членови). Целосното обесштетување (и според важечките закони во Македонија) е обврска на државата.
Исто така, организациите ја обезбедуваат реконструкцијата на куќите или изградба на нови, но на истото место, а не на друга локација (еден од аргументите е спречување на етничкото чистење). Тоа засега е и став на Владата.
Но, што додека се создадат безбедни услови за живот? Колку ќе трае тоа? Веќе поминаа речиси две години. Раселените прашуваат до кога ќе живеат во колективните центри?
Што можат да направат невладините организации, а што другите?
Хуманитарните организации пружија поддршка од почетните моменти на кризите. Се обезбедуваше помош во храна, хигиенски производи, облека и слично. Тие вообичаено први реагираа и даваа пример како треба да се однесува во кризни состојби. Поддршката вообичаено е значителна во почетниот период, а овие организации често се критикуваат кога таа ќе се намали. Притоа се заборава на елементот на солидарноста на граѓаните - пошироката популација, од кои таа помош треба да се обезбеди/собере, за потоа да ја дистрибуираат НВО до оние кои имаат потреба.
НВО можат да помогнат со итни интервенции во акутни кризи (со кратко траење), а кога состојбите ќе станат хронични, тие треба да се решаваат системски, со вклучување на Владата. Така се случи по отворањето на колективните центри, а на Владата е одговорноста да преземе мерки за решавање на сегашната состојба на ВРЛ.
Но, како и за секоја друга работа во животот, најмногу треба да направат оние кои се засегнати од проблемот, а тоа се самите раселени лица, нивните здруженија на граѓани и НВО чија целна група се тие лица. Тие уште од крајот на 2001 година имаат три здруженија во кои се организирани за остварување на своите права. Нивната активност во целиот овој период, со разгледување и предлагање на сите можности за решавање на нивниот статус, иако досега без конкретни резултати, заслужува поддршка во наредниот период.
Ова треба да се случува од неколку причини. Прво, заради отвореноста за разговор кај новата влада, која иако засега е на прилично далечни позиции од ставовите на ВРЛ, покажува подготвеност за конструктивна расправа и пристап кон решавање на проблемот. Втора причина е достапноста на фондовите на меѓународната заедница за обнова на живеалиштата, која е обезбедена уште само за оваа година. Другите НВО треба да продолжат со поддршката на ВРЛ во делот на психо-социјални активности, како и со правна поддршка за процесот на обесштетување. На крајот, важна е улогата и на медиумите, за да не се оствари прогнозата од насловот на текстот, да бидат заборавени.
|