ГОРАН БУЛДИОСКИ, ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР - БУДИМПЕШТА
ИДНИНАТА Е ВО СЕКОЈ МЛАД ЧОВЕК ОДДЕЛНО
Сите се залат дека нема вработување, дека нема што да прават, дека ете чекаат работа, немаат врски итн. А никој (или малкумина) се решаваат да работат нешто па макар и без пари.Нека е тоа анфажман во невладина организација, нека е тоа во нибното маало, да се поправи некој застарен кош, да се исчисти ѓубрето пред зградата, во тревнкот...
Маријана Иванова
Горан Булдиоски е “кадар” на МЦМС, кој тука дојде по работата во Младинскиот Совет на Македонија. Во МЦМС во периодот 1998-99 работеше како програмски службеник одговорен за обуката во програмата за развој на граѓанското општество, а потоа замина на доедукација на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон Д.Ц. каде добива Сертификат за постдипломски студии во Организациски Менаџмент и обука. Оттаму, заминува на работа во Советот на Европа (на местото на советник за неформално образование во Европскиоте младински центри, кои ги има два - во Стразбур и во Будимпешта). Денес, работи во Европскиот Младински Центар Будимпешта и е одгворен за различни курсеви за обука на млади луѓе членови на младински невладини организацвии ширум Европа. Со г. Булдиоски разговаравме за младинското движење кај нас и во “белиот свет”, за проблемите и предизвиците на младите...
Г.С. - На каква програма работите, кои се нејзините цели, целни групи, проекти? Г. Б. - Европскиот младински Центар работи под патронат на Советот на Европа и дел од Директоријатот за млади и спорт на Советот на Европа (повеќе информации на www.eycb.coe.int или www.coe.int/youth). Тоа е резидентен тренинг центар каде млади луѓе од цела Европа, претежно од невладини организации, политички подмладоци, лидери на младински проекти и понекогаш државни службеници, посетуваат најразлични обуки, семинари или конференции. Центарот со еден збор е една од фокалните точки на младинското организирање во Европа. Директоријатот за млади и спорт има три работни приоритети за следниве три години - младите луѓе промовираат: интеркултурен дијалог и развој на мирот, учество на младите луѓе во општествените текови о образование за човекови права. Младинскито центар во Будимпешта е носител на Програмата за образование на човекови права. Во рамките на таа програма има многу активности, како на пример издавањето Прирачник за образование за човекови права, потоа обука за обучувачи во сферата на Образование за човекови права и младите луѓе, потпрограма за насилство меѓу младите луѓе итн. Јас сум одговорен за потпрограмата за насилство меѓу младите луѓе во рамките на која организиравме неколку семинари: Младите луѓе против насилството - 2001, Насилство против младите жени - 2001, оваа година почнува работа со момчиња како средство за превенција на насилствата, насилство меѓу спортските обожаватели (ќе започне во септември оваа година) и други. Покрај овие активности, јас сум ангажиран и во многу други курсеви, најчесто за обука на обучувачи кои работат со млади луѓе, организациски менаџмент и давам стручна подршка (едукативна - неформално образование) во семинарите и курсевите на младинските невладини организации кои се организираат во Центарот. До сега сум учествувал и во пишувањето на една публикација (како коавтор) на тема Основи на тренирање (може да се најде на www.training-youth.net).
Г.С. - Дали оваа програма остварува некоја соработка со Македонија и регионот, и каква? Г. Б. - Со самата своја поставеност, Директоријатот за Млади и Спорт има соработка со владините претставници на секоја земја членка. Така и Македонија има свои претставници во статуартните тела на Директоријатот (кои доаѓаат од Агенцијата за Млади и Спорт на РМ). Но, најбитното во нашата работа не се владината соработка, туку соработката и помошта на невладините младински организации низ цела Европа. Иако претежно се занимаваме со интернационални невладини организации, последниве години фокусот се насочува и кон националните и локалните младински невладини организации. Во центрите (Будимпешта и Стразбур) редовно доаѓаат учесници од Македонија. Членови на македонски невладини организации кои како и сите други учесници се пријавуваат за курсевите и ако се избрани, доаѓаат тука. Интересот е голем, нема национални квоти туку се гледа на квалитетто на пријавите и, се разбира, како секундарен критериум да групите кои се обучуваат овде бидат избалансирани во поглед на пол и географска распределба. Односот е помеѓу 5 и 10 пријавени на еден избран учесник. Директоријатот за Млади и Спорт има посебна програма за помош и поддршка на националните програми за млади и Министерствата (или другите единици) кои работат со младите луѓе на национално ниво. Македонија до сега два пати побарала и добила Курс за младински лидери (во 1997 и 2002). Покрај ова, Македонија има пројавено интерес за формирање на трет Европски младински центар во Охрид (уште од 1997 година, тогашниот оддел за млади при Министерството за култура, а потоа Министерството за млади и сега Агенцијата за млади го продолжија тој интерес, но за жал само вербално, никогаш конкретно). Писмото на намери за формирање на овој центар од генералниот секретар на Советот на Европа седеше 1,5 години на масата на претходниот премиер, меѓутоа нашата држава никогаш не најде за сходно покрај фисибилити студијата на Советот на Европа да направи своја и конкретно да организира посериозен настап.
Г.С. - Какво е Вашето искуство, во споредба со работата во Македонија и таму? Г. Б. - Високи професионални стандарди, и покрај тоа што најчесто се работи со волонтери, подобра организираност. Меѓутоа, се на се, мислам дека искуствата во Македонија и ова што го работам сега се споредливи. Квалитетот на обуката во невладиниот сектор во Македонија бележи континуиран раст во изминатите 5-6 години. За жал, тоа не е случај и со младинското невладино организирање.
Г. С. - Како би го оцениле младинското движење/ангажирање во Македонија? Г. Б. - Од она што го знам, бидејќи сепак имам ограничени информации овде, младинското организирање во Македонија никогаш не било во полоша состојба во последниве 7-8 години. Не постои младински совет, или тој што постои има проблеми со сопствениот легимитет во поглед на бројот на млади луѓе кои ги опфаќа, студентската организација при Универзитето во Скопје (не знам за другиот во Битола) е неактивна за сето она што е надвор од Универзитотот, бројот на квалитени младински организации во Македонија може да прикаже на една рака, поддршката е многу лимитирана - Агенцијата за Млади и спорт не направи ама баш ништо во изминатите четири години (останува да се види што ќе направи новата постава), специјализирани програми за поддршка на проектите и работата на младинските организации има многу малку (Институтот Отворено Општество со една програма, 1-2 годишно објавува конкурси за посддршка на проекти, Институтот за Трајни Заедници започнува нова програма и ПРОНИ Институтот кој обучува младински лидери преку формална универзитетска програма). Ова е особено важно да се анализира низ призмата на развој на останатите невладини организации. Додека другите се развија во изминатите 10 години, младинските организации само тонеа подлабоко во своите проблеми и апатија. Тука е многу битно да се спомене дека младинските организации имаат потреба и од континуирана поддршка, бидејќи промената на генерации и на членство кај овие организации е најчесто (на секои 3-4 години), како што луѓето растат ги напуштаат организациите, и ако нема кој да ги помогне новите членови и раководители, организациите или пропаѓаат или одново треба да се учат итн.
Г. С. - Кои се според Вас клучните проблеми со кои се сретнуваат младите луѓе во Македонија, и каде треба да се бара нивното решение? Г. Б. - Неблагодарно е јас да зборувам на ова прашање. Излезен сум надвор од државата во потрага по мојата лична среќа и работни предизвици. Не дека надвор е полесно. Мислам дека тоа треба младите луѓе да го знаат. Никој нема да направи ништо за нив додека тие самите не почнат да прават работи за себе. Сите се жалат дека нема вработување, дека нема што да прават, дека ете чекаат работа, немаат врски итн. А никој (или многу малку) се решаваат да работат нешто па макар и без пари. Нека е тоа ангажман во невладина организација, нека е тоа во нивното маало, да се поправи некој застарен кош, да се исчисти ѓубрето пред зграда - во тревникот... Има толку многу начини на кои младите луѓе можат да бидат корисни за себе. Сите се жалат: нема пари. Точно, нема пари, меѓутоа младите имаат нешто повеќе од пари, а тоа е слободното време. И во тоа слободно време тие можат да направат многу работи за себе и за другите. И дури да ризикувам да звучам демагошки ќе кажам - а тие упорно не ја искористуваат можноста. Па има толку многу работи што можат да се направат а се “без пари” - да се исчисти сметот пред, околу и позади зграда. Да се научи нешто ново - нека е тоа во невладина организација или на “клупи пред зграда (во маало)” . Некогаш тоа нешто ќе биде спортска вештина - возење со скирол или играње кошарка, друг пат ќе биде за животот, за книгите, за сексот, да се помогне со пишување домашна на послабите ученици итн. Ги гледам младите луѓе како не уживаат во слободното време, ниту го искористуваат. Не велам дека треба комплетно да престанат да одат во кладилници и да ги следат сите фудбалски лиги во Европа (од прва до некоја регионална), меѓутоа нека тоа не биде единствената активност која ја прават, надевајќи се дека еден ден ќе добијат многу пари на нивните облози. Во меѓувреме ја изгубиле младоста. Младите луѓе имаат само дел од вината. За жал, тие имаат и многу малку луѓе - урнеци (позитивни модели) за да се угледаат на нив. Денес сите ние знаеме кој колку украл, кој нели склучил полусомнителен или сомнителен договор со овој или оној и веднаш купил “бесна кола”. Како тогаш младиот човек да се развива правилно? Нормално дека и тој ќе сака да направи “нешто” за да има “бесна кола” особено ако е дозволено. Со младите луѓе треба да се работи систематски и од рана возраст. Треба да им се дадат простор и време и можности да се изразат. Малкумина го прават тоа во Македонија. А, има иднина, а таа е во секој млад човек одделно. Само тој или таа треба да бидат доволно свесни (и поддржани од средината) да ја реализираат. Така ќе дојдат и парите и нешто поважно - личната среќа и задоволство кое подоцна ќе се преточат и во среќа и задоволство на целата заедница. Ќе го доживееме ли тој ден?
|