ОБУКА НА МЦМС И МИМ Корелации меѓу НВО и медиумите
“Воспоставување врски и корелации меѓу НВО и медиумите беше наслов на обуката, организирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), одржана на 2/3 и 8/9 ноември оваа година. На работилниците учествуваа двесетина невладини организации од Македонија. Обработени беа следните теми: совладување на техниките, методите и моделите за пристап до медиумите (соопштенија за јавност, прес-конференции, редовни контакти-брифинзи), како се даваат изјави и како се прави добро интервју, одржување врски со медиумите, лобирање и покренување кампањи. Обучувачи беа Живко Андревски од Македонската радиотелевизија, Јасмина Миронски, дописник на Франс-прес, Анета Шијакова, новинар на ТВ Тера, Битола, и Марина Тунева, координатор за комуникации во Институтот за трајни заедници. На јавната дебата, на која присуствуваа учесниците од двете работилници и новинари кои известуваат за настани од невладиниот сектор, одржана на 11 ноември, се разговараше за односите меѓу НВО и медиумите, за сегашната соработка, како и за недостатоците и проблемите кои се јавуваат во нивната секојдневна комуникација. Г.Ш.
|