|
ONLINE ВЕРЗИЈА |
|
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА |
|
ПРОФЕСОР Д-Р БОРИСЛАВ КАРАНФИЛСКИ
Здруженијата на граѓани ги гледам како нова перспектива
Во студентската организација во периодот по војната, младите беа мотивирани да дадат свој придонес во подобрувањето на условите на студирањето, и во тоа постигнуваа забележителни резултати. Кога навистина сакате, можете многу да сторите и многу добро да работите и без пари. Благодарение на мојот ангажман во студентските денови, имам многу позитивно мислење за граѓанското здружување - здруженијата на граѓани ги гледам како фактор кој може да има значајна улога во општеството Маријана Иванова
Д-р Борислав Каранфилски бил професор по патофизиологија и нуклеарна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Своето школување го почнал со студиите на Медицинскиот факултет во Скопје (каде дипломирал во 1955, а докторирал во 1962 година), а го продолжил со студиските престои и специјализации во САД, Шведска, Англија, Русија, Шкотска и Србија. Бил декан, продекан; проректор на скопскиот универзитет; претседател на македонското лекарско друштво, на Југословенското здружение за нуклеарна медицина, автор на многу стручни публикации.
Но, поводот за ова интервју со професор д-р Каранфилски во „Граѓански свет“ е еден негов поинаков ангажман, уште пред да почне да ја гради својата плодна кариера - тој е првиот претседател на првата студентска организација во Македонија. Го замоливме да ни го претстави профилот на една таква организација во тоа време и разговаравме за граѓанските здруженија некогаш и денес…
Г.С. – Како изгледаше создавањето на студентската организација, која е на некој начин пандан на сегашниот Сојуз на студентите?
Б.К. – Првите студентски организации се формираа на факултетите. Тоа беа Филозофскиот (првиот факултет во Македонија), а потоа Медицинскиот, Земјоделско-шумарскиот и Вишата педагошка школа. Универзитетскиот одбор на Народната младина на Македонија се основа во 1948 година, а јас бев негов претседател до 1951 година. Тој беше составен дел на Народната младина на Македонија и на Југославија, како и на Светската федерација на демократска младина. Кога во 1950 година се основа Сојузот на студентите на Југославија, се зачленивме во него, а преку него и во Меѓународниот сојуз на студентите. Целта на ова членување беше усогласување на програмите, координација на активностите и размена на искуство. Младинските организации и организациите на жените ги обединуваше Народниот фронт. Тој ги собираше сите структури кои на некој начин ја признаваа политичката програма, но не беа нејзин дел. Многу луѓе од овие организации не беа членови на Комунистичката партија, единствената партија во тоа време.
Г.С. – Кои беа потребите да се организирате?
Б.К. – Студентската организација настана како осознаена потреба за поорганизирано општествено ангажирање на студентите во тие тешки години по војната - создавање подобри услови за студирање, збогатување и осмислување на животот на студентите…
Г.С. – Како ги остварувавте тие цели?
Б.К. – Во тоа време беше полесно да ги привлечете студентите во организацијата, ако им понудите добра програма. Историски гледано, тоа беше мошне значајно време. Борбата за ослободување и за создавање на македонската државност ја повлече пред се’ младата генерација. Со многу голем елан се градеше таа држава која требаше прво да се подигне од деструкциите на војната. Многу млади луѓе добија шанса да се школуваат во својата држава, на својот јазик. Постоеја многу можности за вработување, стопанството беше гладно за стручњаци, можевме да избираме работни места. Се отвораа нови и нови факултети, се практикуваше масовно стипендирање, со што младите стануваа независни од материјалната состојба на своите родители кога стануваше збор за школувањето. Од 735 студенти во периодот 1948/49 година, 665 добиваа стипендии, а тие беа во висина на помала плата. Имавме големи разлики во можностите во споредба со сегашните млади генерации, и чувствувавме обврска да придонесеме и ние нешто за таа држава. Затоа, студентите масовно се зачленуваа – околу 90% од студентите беа членови на студентската организација. Таквата масовна организација имаше голем кредибилитет и влијание. Речиси немаше задача која не успеавме да ја оствариме, ако беше реално можна и добро аргументирана. Професорите прифаќаа многу од нашите иницијативи: изготвување скрипти (бидејќи немавме учебници), истражувачки проекти со кои сакавме да ги мотивираме студентите за научно-истражувачката работа. Во најголем дел, државата го решаваше социјалниот статус на студентите, но ние формиравме свој солидарен фонд – таканаречен потпорен фонд, за материјална помош на студентите, со кој самите управувавме. Имавме два студентски дома (машки а женски), а самите создадовме студентски летувалишта – во Охрид добивме на користење едно училиште во летниот период. Истото подоцна успеавме да го направиме во Сплит. Многу студенти летуваа во нив бесплатно. Учествувавме на работни акции (имавме своја бригада, која учествуваше во изградбата на хидроцентралата во Маврово). Формиравме Академско културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ кое во своите редови собра голем број љубители на литературата, драмата, музиката и фолклорот. Друштвото даде значаен придонес во поттикнувањето на културно-уметничката активност на Универзитетот, но и низ државата, а во секциите на друштвото се здоби со први искуства цела една плејада на подоцна многу афирмирани творци во литературата, музиката и драмското творештво. Почна да излегува првиот весник на студентите на Македонија кој со мали прекини успеа да обезбеди континуитет до денешни денови како ретко кој друг весник во земјава. Низ редакцијата на овој весник поминаа голем број студенти кои подоцна беа значајни имиња на македонското новинарство. Го основавме првото спортско друштво “Студент” кое оствари крупни резултати.
Г.С. – Звучи навистина идеално, особено ако се знае дека тоа го правевте на волонтерска основа…
Б.К. – Сето тоа беше волонтерска работа. Во нашата организација не постоеше буџет, немавме надоместоци. Тоа беа многу чисти сметки, тука не доаѓаа луѓе кои беа материјално мотивирани. Повеќето беа мотивирани да ги подобрат условите за своето студирање.
Г.С. – Како Вие гледате на граѓанските здруженија во денешен контекст, а посебно денешниот Сојуз на студентите?
Б.К. – Веројатно поради тој мој ангажман во студентските денови имам позитивно мислење за граѓанското здружување. Денес здруженијата на граѓани ги гледам како фактор кој може да има голема улога во државата. Мојот однос кон тие организации е позитивен – мислам дека колку и да е една организација мала, може да постигне нешто позитивно, бидејќи тие организации работат за општи цели. Тие организации можат позитивно да ги усмеруваат идеите и енергијата на поединците. Еден поединец тешко може самиот да реализира одредена идеја. Граѓанските здруженија ги обединуваат, ги усмеруваат идеите, ја поттикнуваат иницијативата. Добро е да постојат што повеќе такви здруженија, за да можат да се задоволат повеќе различни интереси.
Што се однесува до студентската организација денес, немам подлабок увид во состојбата. Но, како и сите граѓани, гледам дека гласот на студентите не се чувствува на поширок општествен план. Денес има околу 28.000 студенти – кои, ако добро се организираат, ќе бидат респектиран фактор во општеството. Државата минува низ сериозни проблеми, а студентите можат да дадат значаен придонес во нивното надминување. Студентската организација, на пример, не дефинира свој став за партиципацијата на студирањето, прашање кое е посебно важно за студентите. Или за корупцијата во високото образование – истражување вршеше Институтот отворено општество – Македонија, но зошто студентите самите не покренаа и организираа такво истражување?
Г.С. – Зошто мислите дека студентската организација денес е таква каква што е?
Б.К. – Причинати има и повеќе. Организацијата нема атрактивна програма и во своите редови опфаќа голем број студенти кои не можат да го изразат општествениот интерес на студентите.Во раководството на Сојузот на студентите на Македонија треба да дојдат вистинските луѓе. Оние кои имаат визија, програма и идеи. Помеѓу студентите има многу умни, напредни, слободоумни студенти, со висока култура, знаење, ориентирани европски, кои имаат огромна енергија.
Г.С. – Како Вие го проценувате односот на државата кон граѓанските здруженија во нашата држава?
Б.К. – Нашето општество и држава немаат подолгорочно искуство со здруженијата на граѓани. Нашите граѓани не знаат доволно за граѓанските здруженија, за нивните цели и активности. Недоверба создава и фактот што нив ги финансираат странски донатори. Во оваа состојба не може да се очекува нашата држава во поголема мера да ги финансира граѓанските здруженија. Треба да помине извесен период и граѓаните и државата да се „навикнат“ на граѓанските здруженија. Повеќето од нив се формирани во периодот 1995-97 година, што е кус период. И на државата и треба време да ги прифати овие организации како партнери во креирањето на политиката.Во иднина с$ поголем број граѓани ќе го дадат својот придонес преку граѓанските здруженија. Јас во здруженијата на граѓани гледам нова можност за развој на демократијата во општеството.
|
|
|
|
|