репортажа: МАЛОВИШТА - ТРАДИЦИЈА ШТО ТРАЕ
Старите занаети повторно носат бериќет
Ако с$ уште не сте го посетиле Маловишта, веќе овој викенд “фатете” го патот кон Пелистер. Ќе се соочите со вистинско откритие. Маловишта ќе ве пречека со бескрајната свежина и спокој на зелените планински падини и ќе ве заплисне со зачудувачката културна традиција. Не само со традиционалното занаетчиштво, туку и специфичната архитектура, галеријата на мошне вредни икони и чудесниот иконостас во селската црква, од рангот на оние во Свети Спас и Свети Јован Бигорски.
Маловишта е единственото село во границите на Националниот парк Пелистер. До него се стасува по главниот пат Битола-Охрид, од каде по 18-от километер се свртува кон селото Кажани. До Маловишта води асфалтиран пат, кој се искачува по планината. Некаде на половина пат, се појавува селото, свиено на превојот, а глетката е особено убава во зима, кога с$ е обвиткано со белина.
Визија за локалниот развој
Маловишта е вистински пример како локалните жители можат автентичното културно и природнио наследство со заеднички напори да го искористат за сопствениот локален развој. За време на нашата последна посета на ова убаво село, локалните жители славеа два важни настани - отворањето изложба на локалните занаетчиски изработки и пуштањето во употреба на селскиот водовод. Изложбата беше завршна манифестација на проектот “Маловишта - традиција што трае”, кој имаше цел да го поттикне локалниот развој преку заживување на неколку традиционални вештини - ткаење со волна и козјо влакно и работа во дрво. Проектот се спроведе како дел од програмата “Живо наследство”, финансирана од Фондацијата Крал Бодуен од Белгија и Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Водоводот, пак, е донација на Американската амбасада во Република Македонија.
Локалните жители овие проекти ги гледаат како импулс за развојот на селото. А развојот, пак, според нивната визија, е насочен кон отворање мали бизниси инспирирани од локалната традиција, привлекување посетители кои ќе уживаат во убавините на околната природа, во љубезноста на локалните жители и во сето она што планината и луѓето имаат да им го понудат: мирот, тишината, свежиот воздух, здравата храна која локалните жители ја приготвуваат на безброј вкусни начини, запознавањето со локалната културна традиција и многу други нешта.
Оваа своја визија локалните луѓе ја остваруваат чекор по чекор, со помош на Здружението за одржлив развој на Маловишта и потпелистерските села “Еке”. Здружението е регистрирано во Битола, но во него членуваат маловиштани. Многумина од нив се нарекуваат така иако живеат во Битола. Иселувањето во Маловишта е тренд кој полека запира - дел од младите жители својата иднина ја гледаат во селото, особено по неколкуте успешно реализирани проекти.
Маловишта некогаш било богато и напредно место, во кое се вкрстувале караванските патишта и во кое се тргувало, се живеел вистински градски живот. Денес, во него живеат околу 300 лица, но во лето тој број е многу поголем - речиси удвоен. Многумина кои имаат потекло од Маловишта летото со семејствата го поминуваат тука, поправајќи ги старите дедовски огништа. “Маловишките битолчани” се трудат преку различни проекти и донации да обезбедат можност за одржлив локален развој. Преку програмата ФАРЕ е изготвен план за развој на селото; се размислува за изградба на канализација и некои објекти во функција на селскиот туризам, за обнова на куќите и нивно користење за сместување на гости, за промоција на локалните вештини, производство и продажба на занаетчиските производи, за што веќе е пројавен интерес по одржувањето на изложбата.
Зачувување на традицијата
Жителите велат дека локалниот развој го гледаат преку искористување на културните ресурси. Ристо Палигора, еден од големите ентузијасти за иднината на Маловишта и член на здружението “Еке” вели дека програмата “Живо наследство” многу придонесе за зајакнување на довербата на луѓето и ја поттикна свеста за вредноста на автентичното наследство.
Во центарот на селото, во јавниот објект изграден во традиционален стил, од камен, е сместена изложбата на ткаенини, покривки, килими, черги и други производи изработени од локалните жени. Гледаме како се ткае рачно, на разбој. Жените велат дека повеќе помлади лица се обучени да ткаат на традиционален начин, од предена волна и козјо влакно. Обуката предизвикала голем интерес, а дел од производите се продадени. Особено голем интерес покажале странците кои с$ повеќе слушаат за Маловишта и го посетуваат.
Од центарот на селото, патека поплочена со калдрма води кон селската црква Света Петка, изградена во 1856 година. Нејзината големина и велелепност е сведок на некогашната економска благосостојба и културниот просперитет на жителите. Во дворот на црквата, во една од просториите на некогашните конаци, е сместена работилницата во која младите од Маловишта учеа да работат во дрво. Детските резби се вистинска гордост на жителите и се изложени на продажба. Црквата, пак, е гордост на сите маловиштани. Нејзиниот иконостас, како што го нарекуваат “симфонија во дрво” е изработен во длабока резба, но иако според проценките на експертите е дело од врвна уметничка и занаетчиска вредност, не е заштитен од страна на државата. Во црквата може да се види и колекција од стотина прекрасни икони работени од познати зоографи, ретки стари книги и други црковни предмети и реликвии.
Прошетката низ самото село и низ неговата околина претставува вистинско доживување и освежување. Куќите од камен, со убави дворови преполни со цвеќе, свежата клима која ја создава планината, природата со богатото зеленило, блискиот манастир Света Ана (во чии конаци може да се преноќи), насмевките на жителите кои се секогаш подготвени за муабет, традиционалната влашка пита, баклава и другите специјалитети, ќе го направат престојот во Маловишта повеќе од пријатен. И ќе ве натераат повторно да се вратите.
|