коментар Паушални оценки за граѓанскиот сектор
„Пералници на пари“, „петтоколонаши“, „службеници на странските интереси“ се стереотипите кои веќе извесно време им се „лепат“ на здруженијата на граѓани и го создаваат “лошиот имиџ” на граѓанскиот сектор во Македонија. Ваквите и слични квалификации не се тргаат од устата на некои од новинарите или експертите кои и самите се активисти или членови на раководствата на некои граѓански организации.
Од друга страна, никој од „гласноговорниците“ кога ги дели овие квалификации не е подготвен да каже на кого конкретно мисли кога вели дека е „пералница на пари“, кого го квалификува како „службеник на странските интереси“. Или можеби не знаат, но ако е тренд да се „делат“ такви квалификации, тогаш удри, со сета сила, по сите!
Неодамна во неделникот „Капитал“ се појави истражување за „Неправилното работење на невладиниот сектор“, финансирано од неколку организации, претставници на истиот тој сектор. Одлично! Конечно некој ќе истражува наместо да се размавтува со паушални оценки. За жал одушевувањето траеше толку колку што ми требаше да стигнам до страницата каде што се презентирани резултатите од него. Затоа што резултати немаше. Имаше повторно паушални оценки.
Што е, ако непознавање на функционирањето на секторот, констатацијата според која граѓанските организации не поднесуваат отчет никому освен на донаторот? Здруженијата на граѓани, како правни лица преку завршната сметка отчет даваат на Управата за јавни приходи, која од своја страна во секое време може (и го прави тоа) да испрати свои инспектори кои ќе го контролираат нивното работење. Народната банка на Македонија преку своите службеници го контролира девизното работење на здруженијата на граѓани. Донаторот го прави тоа преку посебните извештаи кои ги вклучуваат и финансиските извештаи. И на крајот, еден дел од здруженијата на граѓани, заради барањата на донаторите или заради свои потреби ангажираат посебни ревизорски куќи кои прават ревизија на нивните финансиски извештаи.
„Експертите„ во “истражувањето” имаат посебна улога. Тие се секогаш консултирани и ги потврдуваат сомневањата на авторот, ама никаде не се именувани, како ни организациите кои работат неправилно. Авторот веројатно дошол барем до некои од имињата на организациите што работат неправилно, на пример оние на „крунскиот сведок“, сметководителката Снежана, која е соучесник во криминални дејствија.
Следните продолженија на „истражувањето“ се поконкретни, се фокусираат на една меѓународна и една домашна организација. Но зошто тогаш „истражувањето“ не се вика на пример: „Неправилно работење на Црвениот крст на Македонија и на УНХЦР“?! Зошто се потребни сите паушални оценки и замислени експерти во една јасна мисија? Зошто квалификациите наменети (од страна на авторот) за овие две организации мораат да бидат применливи за целиот граѓански сектор!?
Се надевам дека истражувачкото новинарство во иднина ќе се занимава и со резултатите што ги постигнале граѓанските организации, а кои сепак се во интерес на граѓаните на оваа држава.
Гонце Јаковлеска
|