Месец на мировни пораки
Насилството предизвикано со појавата на милитантните албански екстремисти, веќе речиси два месеца го одбележува нашето секојдневие, втурнувајќи не во воен конфликт, проследен со уште понагласена поларизација на меѓуетничките односи, нови изблици на омраза, недоверба, поделеност...
За жал, живееме во реалност што ја сочинуваат конфликтите, тенковите, гранатите, снејперистите, гинењата и ранувањата, од кои страдаа и цивилите. Но, овој период го одбележа и широката граѓанска акција и крикот за мир. Најголемиот број македонски граѓански здруженија се согласија дека сакаат мир и ненасилство, меѓусебно почитување на сите граѓани во нашата држава и демократско решавање на сите проблеми.
Поради актуелната состојба, многу активности на здруженијата на граѓани беа одложени. Не се одржаа редица семинари, конференции, предавања, проекти кои ќе значеа облагородување, чекорење нанапред, издигнување на духот, прогрес на демократските процеси. Сепак, граѓанските здруженија се вклучија во повеќе акции кои повикуваа на мир и ненасилство, на решавањето на проблемите на маса, а не преку нишаните, и покажаа дека граѓанските здруженија се прогресивната локомотива на нашето општество. Повикаа на разум и на демократија. Покажаа дека не залудни беа напорите за градење на граѓанското општество во изминативе десетина години во Република Македонија - се изгради основата врз која може натаму, тула по тула, да се поставува демократската држава.
Освен за мировните акции на граѓанските организации во Македонија, во овој, втор број на "Граѓански свет", информираме за еден важен, но недоволно развиен сегмент на таа наша идна демократска држава - соработката меѓу здруженијата на граѓани и бизнис-секторот. Низ три позитивни примери - на фабриките "Европа", "Комуна" и Цементарница „Усје", покажуваме како овие два сектора - невладиниот и бизнисот, можат да се најдат на среде пат.
"Европа" доби нова "еколошка" производна линија со посредство на невладина организација; "Усје" минатата и оваа година одвои големи финансиски средства за поддршка на граѓани и граѓански здруженија, а "Комуна" покрена иницијатива за широка граѓанска акција што ќе значи почист град, помалку сечење дрвја и економска заштеда, обраќајќи им се за помош и соработка и на невладините организации и на целокупното граѓанство.
Верувам дека вакви позитивни примери има уште и во наредните броеви "Граѓански свет" ќе биде отворен за сите информации од овој вид. Се надевам дека вакви позитивни примери на соработка паралелно ќе се развиваат и со третиот сектор во нашето општество - владиниот, а најдобриот вид соработка би бил секако оној "трилатералниот" - меѓу владиниот, невладиниот и бизнис-секторот.
Она што го промовираме во овој број е најавата на дебатите на отворениот форум на нашата веб-страница. За старт ја зачнуваме темата лобирање. Дали македонските здруженија лобираат? Како го прават тоа? Дали воопшто се свесни дека лобираат, или "по наше", ги користат врските, пријателствата, контактите, за да остварат одредена цел? Лобирањето, секако, се состои од тоа, но и од многу други нешта, од многу техники и методи кои кај нас не се применуваат. Лансираме мислења на четири личности кои се активни во невладиниот сектор, како провокација за сите Вас. Се надеваме дека темата е провокативна и дека ќе добиеме добра дискусија на нашата веб-страница. Во следниот број на "Граѓански свет" ќе ја објавиме таа дебата и ќе најавиме тема за наредната. Ве повикуваме истовремено да ни сугерирате на кои теми би сакале да се водат овие наши мали виртуелни дебати.
Во овој број, претставуваме и неколку изданија кои произлегоа од здруженијата на граѓани. Охрабрувачки е тоа што си поголема и поголема издавачка дејност потекнува од нашиов сектор. Билтени, гласила, преведени книги, збирки... Сето тоа значи збогатување на литературниот фонд и на издаваштвото за граѓанското општество, кое инаку во Македонија е прилично сиромашно, во споредба со другите држави од нашиот регион.
Ви ги претставуваме здружението "Толеранца" од Струга и шведската фондација "Квина тил квина", како и неколку активности кои сепак, и во месецот на кризата, се одржаа. Најавуваме месец на богати активности, кои се надеваме, ќе се одржат во мир.
Маријана Иванова
|