Граѓанското организирање во општината Чучер Сандево
Демократските процеси влегуваат и во скопските села
Во скопската општина Чучер Сандево која се наоѓа на подножјето од планината Скопска Црна Гора, на почетокот на оваа есен, с$ навидум се одвива без големи промени. Луѓето работат по полињата, децата со чанти на грбот, зависно во кое од 12-те села живеат, пешачат некаде повеќе, некаде помалку, за да дојдат до своите училишта. Просторот од 250 километри квадратни, според податоците објавени во Информаторот за општина Чучер Сандево за 2003/2004 година од страна на Сојузот на организациите на жените на Македонија со поддршка на Норвешката народна помош, го зафаќа медитеранска клима, која ја карактеризира долга есен. Тука се сместени селата Мирковци, Бразда, Глуво, Кучевиште, Побожје, Чучер Сандево, Горњани, Бањани, Малино, Брест, Танушевци, Блаце и Бродец во кои живее мултиетничко население. Од 10.100 жители 35% се Македонци, 35 Срби и 30% Албанци.
“Жените го можат тоа”
Но, годинава сепак за дел од жителите, особено за жените, ќе биде забележана и по создавањето на Активот на жените на Чучер Сандево, чиишто членови го најавија своето постоење преку печатењето на првиот тројазичен информатор под наслов “Жените го можат тоа” во кој содржините се на македонски, на српски и на албански јазик. Неговото појавување значи многу, исчекор од досегашното презентирање на сопствената стварност и привлекување внимание на актуелните проблеми кои го засегаат населението, од кои проблемот со застапеноста на жените во институциите на локалната власт е еден од приоритетните. За прв пат во историјата на постоењето на селата и на Општината основана во 1996 година, на локалните избори идната година ќе бидат кандидирани и жени. Иницијативата за активирање на жените и формирање уште едно од малкуте граѓански здруженија во општината, е резултат на проектот “Жените го можат тоа”, кој годинава го спроведе СОЖМ, нудејќи им знаења за начинот на функционирање на организацијата на демократското општество и за положбата на жените во јавната и приватната сфера во Македонија.
Општината Чучер Сандево, која од главниот град ја делат неполни трисетина минути возење со автомобил, има потреба од низа промени во начинот на организација на граѓаните во актуелниот процес на децентрализација, но и од повидливо презентирање на вредностите кои просторот несомнено ги поседува. Во општествено-политичката структура на општината, која сега ја сочинуваат градоначалникот со Советот со 13 советници нема ниту една жена. Дел од членовите на Активот се и долгогодишни членови во Организацијата на жените на град Скопје, и укажуваат на потребата од актуелизирање на постоечките проблеми со кои се среќаваат и младите и старите жители на општината.
“С$ уште постојат традиционалните, патријахални односи во семејствата и жените не можат да одлучуваат за многу работи, па и за своето граѓанско активирање, за вклученоста во општествениот живот” - потенцира Горица Недевска, која неколку години живее во Сандево, а претходно живеела во Скопје. Таа смета дека жените имаат потенцијал поактивно да се вклучат во општествениот живот и да учествуваат во органите на локалната власт, со оглед на нивото на образование и професионалните одговорности кои ги имаат на работните места во градот, но и во селата.
И за Зорка Постружин, исто така поранешна активистка во Организацијата на жените на град Скопје, чиешто поранешно живеалиште е Скопје, а веќе десет години живее во своето родно село Бразда, процесот на граѓанско организирање на жените во Општината е логичен и перспективен, но како што вели самата, треба многу да се работи на едукација на населението, на рушење на стереотипите за позицијата и моќта на жената во семејството и надвор од него. “На организирање на жените во Општината работам веќе 6-7 години, но работите не одат лесно. Жените поминуваат многу време на работа на поле, младите на училиште во градот, посетуваат разни курсеви. Во нашето здружение се вклучени жени од повеќе села, но засега постои проблем со одѕивот на жените Албанки од селата Танушевци и Блаце, кои иако се поканети с$ уште не ни се приклучуваат. Ние и понатаму ќе работиме на вклучување на што повеќе жени од општината со цел да имаме и поголемо влијание во јавноста и во локалната самоуправа. Време е работите да се променат. Иако најавивме дека на идните локални избори планираме на листите да ставиме 1-2 жени, генерално, мажите сметаат дека ова што го правиме не е “сериозно” - вели таа. Постружин. Оптимизам постои и кај младите членки, вклучени во Управниот одбор.
Адријана Којчиновиќ напоменува дека во општината има голем број млади луѓе со средно и со високо образование кои се невработени, но кај кои идејата за здружување за промена на состојбата оди тешко. “Младите имаат проблем со својот културно-забавен живот, бидејќи ретко нешто се случува, мораат да одат во град, но комуникациите со Скопје се слаби. Она што го забележуваме во оваа фаза на организирање е и негирање на идејата дека нешто може и да се промени преку здружување, а отпорот оди дотаму што некои жени не доаѓаат, бидејќи мажите не се согласуваат со тоа. Потребно ни е постоење различни здруженија, младински организации, спортски клубови, каде младите ќе се среќаваат, ќе се едуцираат, ќе имаат можност да примат нови искуства” - потенцира Којчиновиќ и информира дека селото Сандево заживува единствено за време на т.н. “Станкови денови”, посветени на народниот херој Станко Урдаревски чие име го носи и запуштениот Дом на културата, кога се одржуваат приредби и спортски натпревари.
Сите три претставнички потенцираат дека е потребно да се истакнат културните и природните вредности на просторот, како можност за развој на селскиот туризам, поле на кое во иднина планират да работат тие. На територијата на Општината има 24 манастири и цркви од кои неколку се и споменици на културата. Една од нив е и црквата “Св. Спас” во Кучевиште, од 14 век со зачуван фрескоживопис и вредна архитектура. Во селото Бањани може да се види далеку познатиот манастир од 14 век “Св Никита”, а пак во селото Бразда, во обрасната трева, се наоѓа владетелската гробница познатата во науката, која е дел од раноантичката населба Градиште кое датира од 7 до 4 век п.н.е.
Во оваа фаза на организирање Активот на жени има поддршка од градоначалникот Воислав Киранџиќ, кој смета дека зголемувањето на бројот на граѓанските организации може да влијае позитивно на развојот на општината. “Јас ги поддржувам организациите иако се с$ уште во мал број, работат само три-четири во целата општина. Ме радува што жените се организираат со цел да ги променат постоечките состојби Треба да бидат поупорни за да се најдат што погоре на избирачките листи” - вели Киранџиќ, кој ги отстапува просториите на општината за состаноци, а највува и обезбедување постојан канцелариски простор.
Здружение за развој на неразвиените подрачја “Визија”
Искуството на Здружението за развој на неразвиените подрачја “Визија”, с. Чучер Сандево, кое се обидува да внесе нови ветришта во просторот исполнет со природни убавини, но за жал, стопански недоволно развиен, е многу значајно за жителите на селата во Скопска Црна Гора. Неговите членови работат на развивање и унапредување на правата и интересите во поглед на подобрување на животната состојба на граѓаните, за задоволување на потребите од стручна, услужна и друга помош, со цел остварување заеднички, социјални и културни интереси. Досега реализирале активности од социјален карактер, како што се посетите на стари лица кои живеат сами, работеле на илуминација на три спортски игралишта во ЦОУ “Св. Кирил и Методиј”, с. Кучевиште и во ОУ “Александар Урдаревски”, с. Мирковци, учествувале во давање помош во бегалскиот камп “Стенковец 2”, учествувале и во Информативно-едукативниот клуб “Отворен круг”, наменет на младите како дел од програмата ”Развој на локалната заедница во недоволно развиените општини во Македонија”. Нивното постоење и работа го одбележува и проектот “Летување во град”, каде што учествувале 130 деца од сите националности кои живеат во општината Чучер Сандево, чии семејства користат социјална помош. Го реализирале и проектот “Летни спортски игри 2002” подржан од општината Чучер Сандево, како и “Летната улична сцена” во соработка со организацијата “Зелен центар” од Охрид. Претседателот на организацијата, Даниел Шгмановиќ, нагласува дека во овој степен на развој на селото неопходна е едукација на населението надвор од редовниот образовен систем во сите сфери на општественото живеење како превентива за да се спречи можната миграција село-град. Тој нагласува исто така дека соработката со општината е задоволителна и с$ уште не е на потребното партнерско ниво, с$ уште повеќе вербална, но не и финансиска. Она што изненадува, потенцира тој, е се поголемиот број девојки кои членуваат во “Визија”, но кои за жал, ја напуштаат откако ќе оформат семејство. И за него како и за преставничките на Активот на жените, потребата од презентација на природните и културните вредности на општината е неопходна и ургентна. “Во општината нема проток на информации, нема дневни весници, во селото децата немаат можност да работат на компјутер, младите во голема мера се демотивирани и тешко се активираат. Планираме да организираме бесплатна обука за работа со компјутери, но и да печатиме локален весник кој треба да го подигне нивото на информираност, а со тоа и нивото на јавната свест” - најавува Шгмановиќ.
Катерина Богоева
|