луѓе: Линдита Кадриу
Репризи нема, вреди да го извлечеме најдоброто
Професионално искуство Почнав како новинарка во албанската програма на МТВ. Тие седум години ми останаа во убаво паметење, бидејќи вкусив што значи исполнителна работа што колку и да е заморна - не заморува, оти, применувајќи стандарди научени во текот на студии и создавајќи флуид со публиката, работев со ќеиф. За среќа, исто, а можеби и уште поголемо професионално задоволство (со оглед на подобро организираниот личен живот), најдов во академските води, во отсекот комуникациски науки на ЈИЕ Универзитетот. Тука ефектот на вложувањето чиниш е поспоровозен, ограничен на помала публика, но без дилема е подолготраен, оти уверена сум дека најдобрите студенти ќе успеат да наметнат посебност во вредностите и настапот и успешно да се носат со конкуренцијата што гази, штом малку се олабавиш. При крај сум со испитите на постдипломските студии по комуникациски науки при Институтот за социолошки и политички-правни истражувања и ќе се воздржам од пофалбите за да не заличи на додворување.
Ангажман во граѓанскиот сектор Со почетен интерес за женското прашање, а и со цел да заработам џепарлак, се вклучив во здружението ЕСЕ од првите денови и прописно се заразив со вирусот на полова еднаквост. Работев со женските с$ додека не се омажив, што беше прилика за практична верификација на теоријата. “Дома” во Тетово се вклучив исто во женски програми, пред с$ на културна анимација и заживување на старите занаети.
Амбиции Да ја довршам што поскоро дипломската, да го зајакнам англискиот и докторските студии да ги реализирам во некој европски универзитет (преферирам Лондон или Амстердам). Пред тоа, да објавам книга за тоа што ни прават медиумите. Толку работи остануваат недоречени или кажани само пред студенти или во весник, а тоа сепак изветрува.
Хоби и интереси Освен колоквијалното: книги, театар, филм, изложби, одгледувам цвеќиња, и готвам секој ден, но некако с$ уште ми успева на тоа да гледам како на хоби, па не ми е здодевно. Најголем комплимент е дека “ниту еднаш не зготвувам исто јадење” (мажот ми).
Во слободно време чита Надвор од задолжителна комуникациска теорија (омилени автори: Робинс, Морли, Фиске, Хартли, Левис), најпријатно заспивам со книга и тоа ми е дел од деноноќието што со ништо не го заменувам. Пред некои денови имав потреба да се навратам на источната филозофија во модерно руво преку младите авторки Јошимото и Хуј, а сега сум во “Сопствена соба” на Вирџинија Вулф: моќно и меко четиво истовремено, таман како што ги сакам женските писанија, една од книгите што подолго чекаше на ред да биде прочитана.
За време на викенди Многу нешта. Ако морам - довршување на започнатото, а прекинато поради најголемиот изговор “немање време”. Инаку, со радост: планинарење, пријатели и роднини, негување натенане, излегување, а најмногу релаксирано трошење часови со маж ми и син ми.
Најтешка одлука Досега сум немала тешки одлуки.
Кој национален (локален) проблем го смета за особено важен Дефетизмот: кога таа културна матрица ќе успееме да ја откачиме, сй ќе тргне, а дотогаш малку што може да се измени на подобро.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто Насилството, од каков било вид. И што е најлошо, отапуваме, па веќе не ни е проблем да одгледаме распарчено тело на вести и да продолжиме со чинијата. Син ми има ембарго за која било насилна медиумска содржина и веќе самиот е “кодиран” и свртува поглед; ми велат дека и тоа било крајност, но си мислам дека има толку добри начини да се исполни времето, а с$ помалку време, па греота е.
Што би променил во Македонија и во светот Би направила да е Финска, само со повеќе дневна светлина и би го придодала балканското дружење. Друго не треба.
Совет (порака) Претпоставувам голем збор треба да кажам, па да се обидам: ја живееме премиерата, репризи нема, вреди да го извлечеме најдоброто.
|