ВОВЕД
Уште еден „Граѓански свет” кој излегува за време на кризата во која се наоѓа нашата држава. Повеќето активности во граѓанскиот сектор се детерминирани од неа – оние, „нормалните”, си повеќе се одложуваат или престануваат. На многумина им делува неприлично и дегутантно да спроведуваат активности во овие услови, додека пак други мислат дека треба да продолжиме да живееме и работиме „нормално”, како и досега. Само што „нормалното” се поместува малку повисоко или подолу, зависи како гледате на работите. Некои сметаат дека треба да пливаме, други, дека е подобро да нуркаме, подалеку од површината. Но, како и да се движиме, се наоѓаме во исти води. Најдобро е да се трудиме сите да не ги заматуваме, загадуваме, да не создаваме бури. Да пливаме, пловиме или нуркаме во чиста и бистра вода, онаква каква што имаат македонските езера. За да можеме да продолжиме да работиме навистина нормално, да го доградуваме она за што веќе сме поставиле темели – граѓанското општество и демократијата. Тие се градат во мир а не војна. А се уриваат преку нишаните. Од кампањата на МЦМС, „Цело е кога има си”, меѓу најсилните впечатоци ми остави пораката на едно детенце: „Среќата не се крши со рака, среќата се крши со тага”. Да не ја кршиме нашата заедничка среќа. Граѓанските здруженија се оние кои можат да изградат заштитна бариера за таа наша среќа, со своето влијание кое во последните години станува си посилно. Затоа, не нуркајте во длабоките води, не ја нурнувајте својата глава во песокта – пловете и ѕидајте, но не од песок, туку од цврст материјал. Во овој број на „Граѓански свет” ви ги претставуваме првите лауреати на МЦМС, добитници на наградите кои ги востановивме годинава за првпат, а кои ќе прераснат во традиционални – Наградата за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн” и Наградата за граѓанско општество и демократија. Тоа е уште еден начин како да се поттикне изградбата и засилувањето на граѓанскиот сектор во Македонија, со поттикнување на позитивните херои и со истакнувањето на она во што веќе имаме постигнато добри резултати. Се надеваме дека конкуренцијата за овие две награди на МЦМС ќе биде си посилна и посилна. Издаваштвото кое потекнува од граѓанскиот сектор е си пообемно. Во овој број претставуваме повеќе публикации, книги, компакт-дискови и веб-страници. Просторот не ни дозволи да ги претставиме сите за кои имаме сознанија, па добар дел оставивме за наредниот број. И во овој број најавувеме провокативно прашање за нашата интернет-дебата: Дали волонтерството си уште живее тука? Со нетрпение го очекуваме вашето мислење на оваа тема. Во „Граѓански свет” овојпат гостува колега-новинар, со текст кој поттикнува на размислување, иницирајќи го проблемот на згрижување на најмладите деца со посебни потреби. Ви нудиме и неколку текстови за активностите кои водат кон приближување на граѓаните и локалната самоуправа. На крајот, на нашата втора и 15-та страница, избравме мудри зборови и убави илустрации, со цел да ве релаксираат но и поттикнат на размислување и да го стимулираат доброто и благородното во вас.
Маријана Иванова |