Менторството и граѓанските организации
Во Македонија менторските можности се неискористени
Одисеј, познатиот итар јунак од Хомеровиот еп “Одисеја”, пред да замине во Тројанската војна, му ја доверува грижата за своето семејство и имот на Ментор, негов најдобар другар и човек од доверба, разборит, мудар, искусен и совесен. Синот на Одисеј, Телемах, станува ученик - воспитаник на Ментор, кој го подучувал и го водел низ животот. Оттука и поимот ментор, кој означува искусен човек, учител, воспитувач, тутор, советник, консултант кој своето знаење и искуство го вложува да помогне во изградувањето и усвршувањето кадри од одредена област.
Поимот менторство е изведен од поимот ментор и означува одржлива релација (врска) помеѓу две лица, при што едно лице нуди поддршка, водство на друго лице. Најчесто станува збор за релација помеѓу постаро лице (ментор) и помлада личност (ментриран).
Постојат повеќе дефиници за менторството:
Менторство е однесување и процес при којшто еден човек дава помош, насочува, советува, помага во обучувањето или развојот на друг човек.
- Менторството е однос помеѓу искусно и помалку искусно лице, каде што менторот обезбедува информирање, советување поддршка и повратна врска за менторираниот, како начин да му се помогне во личниот развој.
- Менторството може да се гледа како партнерство помеѓу две слободни независни страни кои се рамноправни и каде моќта и авторитетот се употребуваат мудро во функција на предизвик, можност, охрабрување и помош.
Постојат главно три типа менторство: природно или традиционално менторство, планирано менторство и самоменторство .
- Природното менторство укажува на тоа дека релациите меѓу менторот и менторираниот се базираат главно на пријателство и колегијалност. Во овој тип на менторство се вклучува социјалната интеракција помеѓу менторот и менторираниот.
- Планираното менторство е дел од структурирани програми во кои менторот и менторираниот се вклучени врз база на формални барања за да се постигне одредена цел, најчесто зголемување на продуктивноста и намалување на тековните проблеми во организацијата.
- Самоменторството, како посебен вид менторство, се разликува од првите два типа по тоа што тука не постои директна релација на менторираниот со еден ментор. Кај самоменторството менторираниот, преку следење различни примери и постапки во средината, како и преку истражувачка работа, се самоедуцира. За овој тип на менторство е потребна голема мотивираност и самодисциплина.
Менторството и менторските програми главно служат за постигнување на следниве пошироки цели:
- Едукативно или академско менторство, кое е фокусирано унапредување на академските достигнувања на главно младите луѓе, вклучени во образовниот процес;
- Менторство во кариерниот развој, кое му помага на менторираниот да ги унапреди потребните вештини за да започне или да го породолжи сопствениот кариерен развој;
- Менторство во личниот развој, кое му помага на менторираниот да ги преброди ситуациите на професионален, личен и социјален предизвик и да го води низ процесот на донесување одлуки.
продолжува во следниот број
ПОИМНИК
Менторство
Воведување во работата е процес на учење, преку планирана програма за обука со која им се овозможува на нововработените да се запознаат со организацијата, со своите колеги, со својата работа, како и со работата на други организации или агенции кои работат на сличен начин.
Набљудување на работата и работните достигнувања на поединецот во организацијата (вработен, волонтер) се прави преглед на она што го направил, како тоа го прави и она што треба да го направи.
Оценка на работните достигнувања значи проверка на исполнување на очекувањата и стандардите на работата, односно дали поединците добро ја завршиле работата, дали се исполнети очекувањата, кои се нивните јаки и слаби страни и кои чекори ќе бидат преземени во иднина.
|