ACDI/VOCA
Поддршка на фармерските здруженија
Во 1993 година, ACDI/VOCA беше првата организација која во македонија ги промовираше фармерските здруженија. Денеска, како што вели директорот на македонската канцеларија на оваа американска организација, г. Мазен Фози, повеќе од 100-те постојни и уште 100 неформални здруженија се` повеќе размислуваат за здружено работење.
ACDI/VOCA е организавија која е позната меѓу земјоделците и сточарите во Македонија, кои се целната група со која работи. Како што вели г. Фози, од септември минатата година, ACDI/VOCA воведе нов принцип во своето работење – давање грантови, во рамките на новиот двегодишен проект финансиран од USAID.
г. Мазен Фози: бизнис-партнерство со фармерските здруженија
- Земјоделските и сточарските здруженија се регистрирани според Законот за невладини организации и фондации. Значи, тие се здруженија на граѓани, но имаат проблем во преструктуирањето, од структурална кон функционална состојба. Нашиот нов проект е насочен токму кон тоа, да се помогне функционирањето на тие здруженија, вели г. Фози. Проектот е наречен MAAS – техничка асистенција на фармерските здруженија и има мала грант-компонента (2.500-5.000 американски долари). Неговата цел е да им дава специфичен вид на помош на фармерските здруженија – да основаат сервиси за своите членови, да ги редуцираат производните трошоци, да остварат подобар пристап до пазарот... Тоа ќе бидат всушност бизнис-сервиси. Во нашиот проект фокус е даден на сточарството и производството на овошје, но работиме и со земјоделци, пчелари и други фармерски организации. Грантовите ги третираме поинаку од другите фондации – со нив повеќе се остварува бизнис-партнерство со ACDI/VOCA. Не сакаме грантовите да бидат на некој начин рушители на бизнисот, туку да бидат прилагодени на реалноста на пазарот. Здружението соработува со нас во развојот на бизнисот, ние го насочуваме и тренираме, им даваме техничка помош (процентуално, на секој долар гранд добиваат уште 4-5 долари техничка помош), а еден наш член е во бордот на здружението (како советник, без право на глас). Сметавме, по толкав период поминат во едукација, дека е време да им се даде финансиска помош за да го спроведат на дело она што го научија – додава г. Фози.
|