Форум
Дали се согласувате со официјалниот став на Македонија кон војната против Ирак и со начинот на којшто е тој донесен?
Во текот на април, на веб-страниците на „Граѓански свет“, www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk , ќе можете да дискутирате за едно од моментно најактуелните прашања во моментов на глобално ниво: војната против Ирак. Сепак, прашањето поврзано со војната го сведуваме на локално ниво и ве прашуваме за мислење: дали се согласувате со официјалниот став на нашата држава за давање на поддршка на САД и Велика Британија во нивната акција против Ирак? Дали мислите дека за вакво суштинско прашање требаше да се прашаат и граѓаните? Дали требаше да се организира испитување на јавното мислење од страна на надлежните органи, па дури и референдум? Дали сметате дека граѓаните требаше да одлучуваат по ова прашање, или не? Ве повикуваме да се вклучите во дискусијата на оваа важна тема на Форумот на нашите веб-страници. Притоа, ве молиме да го напишете своето полно име и презиме и да ја наведете невладината организација, доколку членувате во некоја.

За да започнеме квалитетна дебата, ова прашање им го поставивме на неколку личности активни во невладиниот сектор во Македонија. Еве го нивното мислење:
Искра Гешоска, Културен центар Точка:
Се чини сосема едноставен одговорт кој се однесува на позиционирањето во однос на новата војана, која со сигурност влегува во сферата на хиперреалното: јасно, без двоумење п(р)омислено и кажано големо ПРОТИВ за фарсата која не смее да се заборави дека не се случува само на некоја театарска сцена, ами во реалноста. ПРОТИВ за разорната моќ на империјалните инфекции и вируси, ПРОТИВ за реториката на моќта која е фабрика за производство на илузијата на добродетелството.
Македонија, за жал, е сосема нејасна и неодредена. Уште еднаш ја покажува својата слабост, својата неконзистентност, нерешителност и , на крајот од краевите, својата ирелевантност. Да се биде за или против каква било ситуација е одлука која бара длабока умност, логичко расудување, и последователност на дејствувањата. Заземањето став (па дури и ако е погрешен) не е само рутинска активност. Позиционирањето бара целосна одговорност и моќ да се образложат и бранат стојалиштата.
Тоа не го забележавме кај ниту еден од официјалните претставници на нашата власт. Пејзажот во кој тие се вгнездени е пејзаж на божемно владеење со ситуацијата. А, всушност, она што го имплицира нивната одлука е тотална немоќ вистински да се биде забележан и слушнат. Во желбата да бидеме слушнати, често забораваме дека во светот царува гужва и доколку сите бараат првенство на глас, ќе настане грозна бука, страшна политичка збрка чијшто вистински ужас веќе го насетуваме во какофонијата на дебатите за политичка коректност и политички идентитет. Единствениот релевантен дискурс е дискурсот на фундаментална ослобоувачка сила која ја оживува желбата за независност, желбата да се говори слободно и без товар на неправедната доминација.
Нашите власти (без оглед на која политичка партија и’ припаѓаат) никогаш немале идеолошка и стратешка доследност. Слика и прилика на епигонство, сервилност и страв. Она што ни недостига е креативен и конструктивен отпор, кој би бил клучен во формирањето на идентитетот на државата во однос на своите граѓани и во однос на светот. Во заземањето став по прашање на војната во Ирак, тоа сосема изостана. Затоа целата позиција на Македонија делува ништавно.
Никола Гелевски, Контрапункт:
Не ми се допаѓа политиката на Република Македонија спрема агресијата на САД врз Ирак. Но, не ми се допаѓа ни политиката на ЕУ спрема Македонија, па и во поширока смисла не ми се допаѓаат себичноста и национализмот камуфлирани во широчина и лажлив мултикултурализам. Но, за тоа друг пат.
Американците се’ уште се држат до мислата на Ренан, дека Бог секогаш е на страната на поголемите баталјони; идеолошки блиска до американската подолгорочна политика е и концепцијата на Енгелс за насилството кое е забрзувач на економскиот развој. Но, кај Енгелс има еден важен момент чиешто значење допрва ќе добива актуелност: „Таму каде што структурата на моќта на една земја е во противречност со нејзиниот економски развој, политичката моќ со своите средства за насилство е таа која ќе доживее пораз“.
Американската економска сила долгорочно слабее. Досега војните успеваа да ја живнат американската презадолжена економија - но работите на тој начин не можат да одат во бескрај. Многумина сериозни аналитичари на сегашниот светски поредок му даваат уште најмногу 50 години живот. Ретко кој се осмелува да прогнозира што можеме да очекуваме потоа. Ваквата ситуација има злокобна сличност со една од најстарите политички согледби која се однесува на тоа дека моќта не може да се мери со изобилството; „преголемото богатство може да ја поткопа моќта, а богатите се посебно опасни за моќта и напредокот на републиките“. Дали незаситната богаташка класа во САД, столб на нафтениот и воено-индустрискиот комплекс, долгорочно ќе ја однесе во пропаст империјата?
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА
Имаат ли резултати актуелните стратегии на женските нВО?
Во традиционално женскиот месец, март, на веб-страниците www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk, ќе биде актуелно прашањето поврзано со активноста на женските невладини организации. Ве повикуваме на дискусија во врска со стратегиите кои женските здруженија ги спроведуваат во Македонија. Дали тие ги донесуваат посакуваните ефекти? Или пак е време активностите насочени кон добивање повеќе права и рамноправен третман на жените, да се усмерат во некоја друга насока, посовремена, или едноставно поприлагодена на домашните потреби?
Ве повикуваме да се вклучите во дискусијата на оваа интересна тема на Форумот на нашите веб-страници. Притоа, ве молиме да го напишете своето полно име и презиме и да ја наведете невладината организација, доколку членувате во некоја.
За да започнеме квалитетна дебата, ова прашање им го поставивме на неколку личности активни во невладиниот сектор во Македонија. Еве го нивното мислење:
Ана Стефановска
На ова прашање може да се одговори и со да и со не. Односно, стратегиите кои досега се применуваа и сеуште се применуваат од страна на женските невладини организации имаа одреден позитивен ефект врз жените чии права се загрозени - во смисла на подигање на нивната самосвест, во нивното тежнеење кон еманципација и рамноправна положба со мажот, во нивната едукација, информирање и слично. Но, што се однесува до другите сегменти, мислам дека немаше баш некој голем ефект. Тука мислам и на државата, кај која се уште не е изградена свеста за родовата рамноправност, потоа кај голем дел од мажите - тие се уште не се спремни да отстапат од својата „позиција“ и да им овозможат подеднаков третман на жените (тука мислам од домот, па се’ до работното место), и на крај - кај жените чии права не се загрозени. Да појаснам - тука мислам на жените кои имаат постигнато одредено ниво на еманципација и рамноправност. Многу често, голем дел од тие жени сметаат дека жената во Македонија има законски права, дека треба само да ги искористи, но не сфаќаат дека тоа не е толку едноставно (како што се вели, ако некој не ја почувствува маката на своја кожа, не може да ја разбере). Затоа, мислам дека стратегиите на женските организации треба да се менуваат и да се прилагодат и кон овие групи.
|