Подготвеноста на македонското општество да се справи со проблемот на малолетничката деликвенција
Не казнување, туку воспитување и превоспитување
Содржината на воспитната мерка “упатување во воспитно-поправен дом” и казната “малолетнички затвор” се состои во губење на слободата на движење на малолетното лице, односно негово изолирање од надворешниот свет во посебна установа одредена за извршување на таа мерка/казна, на време утврдено во судската пресуда, со цел спречување на малолетното лице повторно да изврши кривично дело, негово превоспитување, оспособување на општествено полезен живот во согласност со општоприфатениот систем на правни и морални вредности и негова успешна реинтеграција во општеството (член 73 ст. 1 од КЗ на Р. Македонија).
Вака стои во Кривичниот законик на Република Македонија, но, како и секогаш, словото на законот испишано на хартија и практиката не се едно исто. Малолетниците се упатуваат во воспитно-поправни домови и во малолетничките затвори со цел да се изврши надзор над нив, стручно да се оспособат и да се поттикне нивната лична одговорност, за да се обезбеди нивното воспитување, превоспитување и правилен развој. Значи, не казнување, туку воспитување и превоспитување, оформување на личности кои се на возраст кога се уште процесот на социјализација не е завршен, личности кои иако згрешиле поради својата возраст, имаат време да ги усвојат општоприфатените норми на однесување и системот на моралните вредности.
Но, колку воспитната мерка, односно казната, ја остварува својата функција?
Имајќи го предвид зголемениот број на малолетните повторници во последната декада се поставува прашањето дали казната, односно воспитната мерка ја остварува својата цел, и дали општеството умее да се носи со проблемот на малолетничката деликвенција. Како што сега стојат работите, малолетниците кои се упатени во воспитно-поправен дом немаат ниту своја зграда. Имено, наместо во воспитно-поправниот дом за малолетници во Тетово, тие се заедно со возрасните осуденици во казнениот затвор Шутка.
“Има ли живот за време и по затворањето?” е насловот на публикацијата на Здружението за заштита на правата на детето и на Центарот за детска правда “Малиот голем човек” којшто отвора едно болно прашање: “Што се случува со малолетните деликвенти во Македонија? Проектот којшто го носи истото име како и публикацијата, е реализиран за да се согледа дали изречените воспитни мерки, односно казни, на малолетниците кои дошле во судир со законот, ја остваруваат својата цел. Истражувањето е спроведено во воспитно-поправниот дом кој моментно се наоѓа во казнениот затвор во Шутка и во малолетничкиот затвор во Охрид.
Според Весна Стојковска од невладината организација “Здружение за заштита на правата на детето”, при приемот во установата задолжително се врши испитување на личноста на малолетникот за да се подготви индивидуална програма за него. Сите малолетници имаат загарантирани права додека се во воспитно-поправниот дом или во малолетничкиот затвор. Имаат право на образование, на стручно оспособување, право на работа, право на слободно време и вклучување во културно-просветни и спортски активности, како и право на контакти со надворешниот свет. “Нашето прво негодување беше поради тоа што малолетните деликвенти се заедно со возрасните осуденици во казнениот затвор во Шутка. Иако тие се физички одделени од возрасните, казнениот затвор не е природна средина за малолетник кој треба да се превоспита и да се ресоцијализира”, објаснува Стојковска. Таа нагласува дека мора да се прави разлика меѓу изречената казна - воспитна мерка и казна затвор за малолетник. “Во охридскиот затвор за малолетници, кој постои од 1999 година, се наоѓаат оние кои според законот извршиле тешки кривични дела, а такви кривични дела се казнуваат со казна затвор над пет години. Во Охрид се упатуваат малолетници над 16 години. Меѓу нив има и такви кои извршиле убиство или биле соучесници во тешки кражби. Малолетничкиот затвор во Охрид се наоѓа во центарот на градот, што не е најдобро решение. Затворот треба да се наоѓа во близина на населено место, но не во самиот центар. ”
Истражувањето во мај, минатата година, покажа дека едно од основните права на малолетниците додека ја издржуваат казната, правото на образование, не се почитува. Ниту еден од осумнаесетте испитаници во затворот во Охрид не посетувал училиште во текот на престојот во оваа установа, иако имало такви барања од страна на штитениците, а одамна се укинати и курсевите за стручно оспособување. Ова е една од причините овие малолетни осуденици да не знаат на кој начин да го продолжат животот по издржувањето на казната, бидејќи немаат никакви квалификации. Затоа, тие и по излегувањето продолжуваат по стариот пат којшто повторно ги доведува во судир со законот.
“ Не се образуваат, но сепак се работно ангажирани, а на нивната ресоцијализација работи тим од стручњаци кои низ разговор со штитениците се обидуваат да им укажат на она што се вика вистинска хиерархија на вредности. Ресоцијализацијата зависи од малолетникот и од тоа како живеел претходно и колку е подготвена средината од која потекнува да го прифати. Семејствата не се интересираат многу за нив, а дел од малолетните деликвенти потекнуваат од дисфункционални семејства, кои не им нудат материјална безбедност. Најчесто поминуваат од една во друга воспитно-поправна установа, и завршуваат во малолетничкиот затвор. На постпеналниот период кај нас не му се обрнува речиси никакво внимание, не постои ниту установа, ниту лица кои би се грижеле за малолетниците по излегувањето од воспитно-поправен дом или од малолетнички затвор”, вели Весна Стојковска.
Кога се зборува за малолетни деликвенти, најчесто никој не е заинтересиран да им помогне, бидејќи тие деца потекнуваат од маргините на општеството, од сиромашни и дисхармонични семејства. Некои сметаат дека нивната судбина им е запечатена со раѓањето, не прашувајќи се дали тие деца имаат некоја своја визија за иднината, што сакаат да бидат, што е она што им пречи додека се во воспитно-поправна установа, колку знаат за сопствените права и како мислат дека би требало да биде организиран животот во воспитно-поправните домови.
“На најголем број од малолетниците во воспитно-поправниот дом “Тетово” најмногу им пречи тоа што се во затворот (казнениот затвор Шутка) и тоа што се под контрола на командирот (користење палка). Нивните желби се најразлични - од излегувањето на слобода, до желбата да ја видат Бритни Спирс, да имаат девојка, да возат автомобил, а кај голем број од нив е присутна и желба за одење на училиште”, вели Ана Панчева од невладината организација Здружение за заштита на правата на детето, која своето истражување го спроведе во воспитно-поправниот дом “Тетово”. “Додека биле во Тетово, малолетниците работеле и за својот труд добивале паричен надомест, имале многу подобри услови за живеење, а сега, во затворот во Шутка, сметаат дека се во крајно неприродна средина за нив и својата воспитна мерка ја доживуваат како казна”.
Желбата на малолетните деликвенти е да бидат далеку од затворските ѕидови и да имаат подобра иднина.
“Тие се гледаат себеси како личности кои ќе бидат вклопени во општеството. Сакаат да продолжат да учат, да бидат војници, да оформат семејство. Ним им е потребна помош затоа што доаѓаат од социјално дно, а има и такви за кои, верувале или не, воспитно-поправниот дом е единствена можност да имаат барем донекаде нормален живот. Еден од штитениците, Ром кој има 16 години, пред доаѓањето во домот живеел во крајна беда со татко алкохоличар, вели дека му е подобро во домот затоа што има што да јаде, каде да спие, а доаѓаат и професори кои им држат настава. Но, ние не треба да очекуваме дека е доволна програмата што се спроведува во овие установи. Самата програма не може да направи чудо, па детето потоа да излезе стопроцентно превоспитано и ресоцијализирано. Основен проблем е што не постои стратегија за спроведување постпенална заштита. Овие деца не се заштитени од страна на државата по нивното излегување од воспитно-поправните домови, а с$ додека е така, ќе имаме рецидивисти кои повторно и повторно ќе ги повторуваат своите грешки ”, истакнува Панчева.
Милка Бизевска, судија за малолетници, Основен суд - Битола Институциите на државата мора да се грижат за малолетниците
“Центрите за социјална работа треба да бидат поактивни, да го вклучат семејството на малолетникот и поактивно да ја спроведуваат програмата за социјална помош. На малолетниците мора да им се овозможи за време на издржување на казната или затворската мерка, покрај другото, задолжително да се описменуваат и да добиваат потврда за завршено образование или диплома за стручно усовршување. Тие денес немаат можности за очекуван нормален живот. Потребно е осудените лица кои ја издржале казната да бидат преземени од страна на институциите на државата кои поактивно ќе се вклучат во смисла на редовно надгледување на нивниот живот и на семејствата во кои се враќаат и да им обезбедат работа според стекнатото знаење. Децата се иднината на оваа држава и затоа државата во целост ќе треба да преземе максимални мерки за нивна заштита, правилен развој, нормален живот и егзистенција”.
Невенка Крушароска, заменик народен правобранител Потребно е повисоко ниво на социјална правда
“Заради намалување на бројот на децата во судир со законот и оневозможување на децата од кризните групи да го прекршат законот, потребно е да се преземат превентивни мерки. Треба да се спроведе политика за намалување на нееднаквоста меѓу децата и да се обезбеди повисоко ниво на социјална правда преку која не треба да се решаваат социјалните проблеми. Потребно е спроведе примарна превенција во областа на образованието, здравството и семејството.
|