Настани
“БИОСФЕРА” – БИТОЛА
Еколошко образование
Образованието во областа на животната средина е тема на регионалниот проект што го спроведува битолското здружение “Биосфера” - Центар за едукација, заштита на животната средина и природата.
Целта на овој проект е анализа на состојбата и на напредокот на еколошката едукација во земјите на Југоисточна Европа во контекст на подготовките за петтата Министерска конференција за животна средина што ќе се одржи во Киев, Украина, во мај идната година, како и за Стратегија за развој на еколошката едукација во земјите на Југоисточна Европа. “Биосфера” проектот го изведува во соработка со здруженијата “Позајмена природа”, Бугарија, “Еколибри бионет”, Југославија, “Пријатели на земјата”, Романија и “Асоцијација за европска димензија”, Албанија. Проектот, под целосен назив “Еколошката едукација во формалното образование во земјите на Југоисточна Европа - потреби, достигнувања, партнерства, перспективи”, е финансиски поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи преку Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа со седиште во Сент Ендре, Унгарија. Секоја од партнерските организациите ќе изработи национален извештај за состојбата и застапеноста на еколошката едукација во формалното образование. Се подготвуваат веб-страница и печатена брошура, како и јавни расправи во пет градови во Македонија и средба на национално ниво.
М.И.
|