Граѓанските организации, активни во образовниот процес
Децата преку проекти учат за екологија, за своите права и за разрешување конфликти
албански
Во македонските образовни институции во моментов се спроведуваат голем број проекти на граѓанските организации. Најчесто тоа се проекти за заштита на правата на децата, за екологијата, за различни обуки и за приближување на различностите меѓу децата во етнички мешаните училишта. Преку Бирото за развој на образованието, државна институција којашто е во рамките на Министерството за образование и наука, се имплементираат најголемиот број проекти, меѓу кои и тие за образование на Ромите средношколци во којшто се из наоѓаат модули за реализирање на наставата на креативен начин. Преку Организацијата на потрошувачите на Македонија се реализира проектот за заштита на децата-потрошувачи, а преку Македонскиот центар за граѓанско образование проектот за граѓанско образование на децата. Центарот за разрешување конфликти го имплементира проектот “Исти, слични, различни” во етнички мешаните училишта во целата држава, со цел подобрување на етничките односи и намалување на разликите меѓу децата. На истата тема се реализира и проектот “Училишта под ризик”, чија цел е релаксирање на односите и решавање на постконфликтините состојби во нашата држава. Организацијата ОХО веќе неколку години го спроведува еколошко-едукативниот проект “Немаме резервна планета”.
Проектите доаѓаат во Бирото за развој на образованието
Во Бирото за развој на образованието велат дека досега сите проекти пријавени од граѓански организации коишто имале позитивна порака за децата и коишто биле оценети во полза на развојот на најмладите и во согласност со Националната програма, биле прифатени. Бирото за секој проект дава свое мислење коешто се упатува до министерот за образование со чиј потпис се одобрува реализацијата.
“Ако Министерството смета дека проектот е добар и во полза на позитивниот развој на децата или наставниците, ако е наменет за нив, секогаш добива зелено светло. Тие се релативно мал број барања, за кои се формира комисија којашто го дава позитивното или негативното мислење. Мислење се бара и од Бирото. Најчесто барањата на граѓанските организации се насочени само кон реализација на проектот, а не и кон барање финансиска помош. Тие материјалите ги доставуваат до архивата на Министерството, по што одат на разгледување кај надлежните, се консултираат и раководителите за основно или средно образование, а конечната одлука ја донесува министерот. Бидејќи проектите не се континуирани и се поднесуваат индивидуално, нема посебно тело во Министерството коешто постојано би работело со проекти од граѓанските организации. Во Министерството има многу позитивен став кон активностите на овие организации и тие никогаш не наидуваат на отпор или одбивање, напротив, најголем дел се прифатени и се реализираат”, вели Сузана Џамтовска, портпарол во Министерството за образование.
“Немаме резервна планета” започна во 1998 година
Проектот “Немаме резервна планета” на граѓанската организација ОХО почнува во 1998 година со календарите наменети за децата од петто до осмо одделение, во соработка со Бирото за развој на образованието, од каде и дојде првото позитивно мислење за целиот проект. Пред да го добијат децата каландарот, тој помина низ повеќе филтри во Бирото и Министерството за образование, во кои се утврдуваше неговата едукативна вредност како дидактички материјал. Бирото ја врши дистрибуцијата на календарите до училиштата, кои во почетокот беа само неколку, а денеска се опфатени сите училишта во Македонија и голем дел основни училишта во Србија и Црна Гора. Календарот е употребливо дидактичко средство, пораките и цртежите се издржани, а квалитетот е неговиот најсилен адут со којшто му се трасира патот кон крајната цел, учениците во основните училишта. Еко-календарот, но и другите материјали во истата програма на граѓанската организација ОХО, како сложувалката, меморијата, доминото и други, кои се вклучуваат во следните неколку години, се појавуваат како први материјали за еколошко образование во нашето школство.
“Од 1998 година скоро секоја година воведуваме по некој нов труд во нашата програма и ја поминуваме истата процедура на процена на квалитетот. Досега имаме добра соработка со Бирото и многу ретко сме искусиле пречки на патот. Тоа најчесто биле незаитересирани поединци кои не се ни обиделе да навлезат во суштината на нашите проекти и да ја увидат нивната вистинска вредност. Во повеќето случаи сме наидувале на позитивен прием и реакции, и покрај тоа што во изминативе години се сменија неколку структури на вработени и раководни лица и во Бирото и во Министерството. Јас секогаш сакам да го слушнам мислењето на стручњаците во Бирото бидејќи нивната критика, позитивна и негативна, е релевантна за мене. Проектот е прифатен и од наставниците кои контактираат со нас, бараат нови материјали, даваат идеи за поголема соработка, што значи дека дефинитивно сме сфатени сериозно од нив”, вели Александра Младеновска, директор на програма. Таа објаснува дека преку лични контакти со колеги од граѓански организации во соседните држави програмата си го нашла своето место и во образовниот систем на Србија и Црна Гора. Програмата се реализира во 7 градови, а годинава се очекува да се удвои бројот на користените дидактички материјали. “Во Србија прво побаравме контакт со Министерството за образование, отидовме на разговор, бевме извонредно примени и нашиот проект беше одлично оценет, по што веднаш почна да се реализира како меѓународен проект. Мора да нагласам дека квалитетот на материјалите и на целиот проект и тука беше пресуден фактор и немаше потреба од убедувања”, истакнува Младеновска. Според неа, проблемот со граѓанските организации и прифаќањето на нивните проекти е во тоа што тие немаат никаква поддршка и за секој нов проект треба одново претставување со голема упорност којашто бара доста енергија за да ја видат луѓето вистинската вредност на крајниот производ. “Секогаш кога треба да се претставиме, материјалите ги праќаме до Бирото од каде чекаме одговор со нивните забелешки и предлози. Потоа организираме средба на којашто се образложуваат нивните и нашите ставови и се дефинира крајниот лик на проектот. Мислењето некогаш го добиваме брзо, а некогаш треба да се чека и подолго. Мислам дека за проекти коишто се одвиваат во континуитет и се покажале како квалитетни треба да има поголема институционална поддршка. Убавината на ‘Немаме резервна планета‘, објаснува Младеновска, е во тоа што е далеку од политиката и е вистински интернационален проект, ликовите се така дизајнирани да децата можат лесно да се идентификуваат без оглед на возраста, етичката припадност или полот. Тоа е комплетно македонски производ којшто се извезува во странство”.
И децата и учениците се образуваат за идни потрошувачи
Со цел да се развива потрошувачката свест и потрошувачкото однесување, како и заради запознавање на младите потрошувачи со нивните права и одговорности, Организацијата на потрошувачите на Македонија го реализира проектот “Први чекори кон информирање и едукација на децата како потрошувачи во Република Македонија”, во соработка со Сојузот на просветните работници на Република Македонија. За таа цел беше формиран истражувачки тим со две целни групи за предучилишно и за основно образование, заради согледување одделни аспекти во образованието на детето и на ученикот како потрошувачи. Од проектот произлегоа публикациите “И ние сме потрошувачи” - сликовница наменета за децата од предучилишната возраст, и “Детето потрошувач” - брошура за учениците во одделенската настава на основното училиште.
“Позитивни реакции за поддршка на проектните активности пристигнаа првенствено од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието, по што сликовницата и брошурата беа промовирани во повеќе предучилишни установи, во основни училишта и во некои педагошки факултети во Македонија. Во континуитет со овие активности на планот на едукацијата на децата и на учениците како потрошувачи ќе го споменеме и проектот Јомаг, преку којшто со едукација беа опфатени и ученици и професори од средните училишта. Ѕомаг.нет е магазин он-лајн, во кој учениците од средните учлишта во Европа пишуваат теми од области блиски на потрошувачката проблематика. Од Македонија активно беа вклучени две средни училишта, и тоа ДСУ ‘Раде Јовчевски-Корчагин’ и ДСУ ‘Георги Димитров’. И двете училишта покажаа одлични резултати и беа јавно пофалени на Семинарот за наставници и ученици во Берлин” , вели Елизабета Спиридонова од одделението за информирање на ОПМ. Таа најави и изработка на прирачник во соработка со Бирото за развој на образованието, воспитувачи од предучилишни установи, наставници од оновното училиште, експерти од правната и од дидактичко-методистичката област. Тој треба да ги запознае децата со тематиката потрошувач, но и да послужи како прво методичко помагало за организирање на воспитно-образовните и на наставните активности.
|