интервју: Владимир Лазовски, 28-годишен хуманитарен работник од Скопје
Работејќи за мир од Македонија до Дарфур
Г еноцидот во Руанда во 1994 година беше проследен со избувнување огромни конфликти низ светот. Од Конго до Источен Тимор, насилството избувнува толку често, што би можело да се земе и како составен дел од животот. Но, како што знаеме, во секој конфликт, пред с$, има повеќе жртви, отколку победници, невини луѓе кои се наоѓаат себеси фатени во борбата на други луѓе.
Во две прилики во блиското минато, на егзистенцијата на балканската држава Македонија и се закани конфликт. Најпрвин во 1999 година бегалци од Косово ја преплавија државата откако беа насилно отстранети од нивните домови од страна на српските сили. Нивното присуство во Македонија создаде предизвик во форма на нова рамнотежа во етничкиот состав на земјата, како и огромен хуманитарен товар за толку мала држава. Потоа, во 2001 година, групи од албанската заедница почнаа со вооружен отпор против државата за којашто тврдеа дека е индиферентна кон нивните барања за еднакви права. Воени патроли беа напаѓани во заседа, имотот во етнички мешаните села беше напаѓан и луѓето беа избркани од нивните домови на сметка на етничкото потекло. На овие дејствија се гледаше како на предавнички и се закануваа да ја доведат државата до граѓанска војна. Ова прерасна во тест за политичката зрелост на младата демократија. Тоа исто така беше една од последните насилни епизоди во распаѓањето на поранешна Југославија по крајот на оригиналната федерална република.
Пред три години, на почетокот на 2003 година, започнаа да се шират вести за конфликтот во Дарфур, далечен западен регион во Судан. Бунтовнички групи кои претставуваа различни групи на население почнаа да организираат напади против суданската армија во регионот за нивните барања за подобар дел од богатството и развојот, кое тогаш почнало да се гледа во некои области од земјата. Повторно сиромашни и невини луѓе беа избркани од своите домови, лишени од своите средства за живот и турнати во сиромаштија. Обединетите нации ја нарекуваат „најлоша светска хуманитарна криза”.
Вообичаена реакција на меѓународната заедница е да дава итна помош за да се заштитат ранливи животи, или пак да се ангажира на политичко ниво околу главните причини за конфликтот. Друга реакција е да испрати искусни работници за помош во конфликтните области со цел тие да ги понудат своите вештини како дел од хуманитарната реакција. Ова е еден начин на којшто поединец може вистински да придонесе за животите на луѓето во некои од светските најлоши кризни жаришта.
Личност со искуство од прва рака во кризите во Македонија и Дарфур е Владимир Лазовски, 28-годишен хуманитарен работник од Скопје. Како реакција на кризата во сопствената земја, тој му се придружил на Македонскиот центар за меѓународна соработка, каде неколку години работел со бегалци, раселени лица и со ромската заедница, најмаргинализираната општествена група. Минатата година тој & се придружил на АЦТ/Каритас во Дарфур, заедничка итна операција од страна на мрежите за главната помош од црквата и развојот. Бидејќи се ближи крајот на неговата едногодишна задача, Владимир се осврнува на неговото искуство во обете операции.
Ги видовте конфликтите во вашата држава во 1999 и 2001 година. Гледате ли некои паралели со ситуацијата во Дарфур? Има неверојатни сличности. Човечкото страдање и страв се чини дека насекаде се исти. Засегнатите луѓе изгледаат слично: скршени, честопати со чувство на осаменост, уплашени. Некои целосно губат надеж. Мои херои се луѓето во камповите кои даваат отпор на безнадежноста, се грижат за своите семејства и ја одржуваат надежта дека еден ден ќе се вратат дома. Доволно интересно, жените покажуваат повеќе од овој боречки дух, се чини дека тие се движечката сила на семејствата.
На политичко ниво, гледате нефер и нерамнотежен регионален развој во обете земји. Гледате како политички елити експлоатираат културни разлики како алатка во борбата за моќ. Гледате патријархално општество неподготвено за промена. Гледате присуство на странски сили со свои сопствени агенди. Сето ова е прилично слично на ситуацијата во поранешна Југославија во доцните осумдесетти и раните деведесетти каде силите за кохезија беа премногу слаби да ја сочуваат земјата во целост. Јас чувствувам ризик дека и Судан исто така би можел да се распадне, доколку нема рамнотежен и фер општествен развој во државата.
А позначајни разлики? Интензитетот на овие два конфликта и нивните последици не можат да се споредат. И покрај конфликтот, Македонија е позитивна приказна, бидејќи успеавме да го ограничиме конфликтот набрзо откако започна и да најдеме политичко решение, па државата беше зачувана.
За време на кризата во Македонија имаше многу поголемо медиумско внимание отколку овде. Кога дневно ќе загинат 20, 30 или 40 луѓе во Дарфур, ништо не се известува на Би-Би-Си или на Си-Ен-Ен, бидејќи тоа не се вести!
Кои беа главните предизвици лично за вас кога пристигнавте во Нијала? Кога пристигнав, помислив дека тоа е најразличната култура којашто сум ја искусил во мојот живот. Доаѓа и снемува струја, не се пие вода од чешма, во Нијала секоја ноќ има полициски час. Имаше тропски поројни дождови какви претходно немав видено.
Потоа почнав да откривам дека дел од храната е иста како во Македонија. Во македонскиот јазик има многу арапски зборови кои кај нас дошле од Турците. Тоа ми покажа дека културите и нациите имаат многу повеќе заедничко од она што се гледа површински.
Иако сум од една од најсиромашните држави во Европа, морав да ја променам сопствената дефиниција за сиромаштија. Наидов на луѓе со болести за коишто имав чуено само по филмовите, како што се маларија, тифус, колера итн.
Значи, имаше големи културни разлики, но исто така запознав и многу прекрасни луѓе кои ми помогнаа полесно да се приспособам.
Како го дадовте сопствениот придонес во итната реакција? Работев во Македонскиот центар за меѓународна соработка како координатор на проект за време на косовската криза и за кризата во 2001 година. За нас беше важно да се користи итната помош како средство за нудење надеж и утеха на ранливите групи луѓе, не само да се одржуваат живи и здрави. Бев исто така вклучен и во програмата за развој на Ромите. Нашата цел беше да се развијат капацитетите на Ромите, кои отсекогаш биле едни од најсиромашните и најмаргинализираните членови на заедницата во југоисточна Европа.
Како координатор за врски со донаторите за АЦТ/Каритас во Дарфур, нудам помош на индиректен начин. Мојата работа е да подготвам апликации за парични средства за помош на луѓето на кои им е потребна и да пишувам извештаи за завршената работа.
Со оглед на тоа што доаѓам од земја којашто добиваше итна помош два пати во текот на последните неколку години, јас сакам да работам со моите судански колеги, да им помогнам да се подобрат, да споделуваат и учат еден од друг.
Како гледате на вредноста на програмата АЦТ/Каритас? “АЦТ/Каритас е организација заснована во црквите кои обезбедуваат најголем дел од нашата финансиска поддршка. На терен, работењето е составено од Суданци и емигранти кои веруваат во работењето за подобар свет. Ние им пружаме услуги на луѓето кои имаат потреба од нив, без разлика на нивните верувања или култура. Всушност сите корисници на кои им пружаме услуги се муслимани. Кога луѓето зборуваат за судир на цивилизации, тоа за мене е извор на надеж да видам како оваа организација работи и пружа итна помош на буквално стотици илјадници луѓе. .
Што ќе донесете во Македонија од вашето искуство во Дарфур? Имам многу убави спомени, нови пријателства, прекрасни искуства. Се надевам дека за 20 или 30 години ќе имам шанса да се вратам и да видам еден различен, многу подобар Дарфур. Но, најубавото нешто коешто ќе го донесам дома е вистинското чувство дека во овој свет сите сме едно.
|