Детски театарски центар во Старата скопска чаршија
Театарот обоен во жолто нуди магија на неколку јазици
Настан кој несомнено ја одбележи минатата 2004 година е и отворањето на Детскиот театарски центар во Скопје, во објектот на поранешното кино Напредок. Тој е сместен во еден од најфрекфентните сокаци во Старата скопска чаршија, во непосредната близина на Бит пазар, на спомениците на културата Сули ан ( Факултет за ликовни уметности), Чифте амам (Простор 2 - Национална уметничка галерија на Македонија), меѓу голем број дуќани на бојаџии, изработувачи на музички инструменти, чајџилници, часовничари, продавачи на облека, на шарени бонбони... Неговото опкружје ја потенцира и неговата голема идеја да привлекува мешана публика, луѓе од различни култури, јазици и вери, нудејќи им програма на неколку јазици: македонски, албански, турски, ромски...
Детскиот театарски центар не може да ги остави рамнодушни ни најнезаинтересираните минувачи, бидејќи има впечатливо дизајнирана жолта фасада, која се вклопува во амбиентот, но истовремено порачува дека внатре во себе крие еден нов, модерен простор исполнет со магија, која впрочем ја нудат сите театри во светот.
Целта на неговите основачи да создадат куќа на културата каде што нема да се почувствува разлика во јазиците, обичаите, во која ќе се слеваат сите различности во едно (што впрочем е и мотото на Чаршијата), се реализира низ пет години работа на Центарот со спроведување различни активности чиј старт беше во 1999 година, со реализација на брз оперативен проект за намалување на стресот кај децата бегалци од Косово.
“Мешаната публика е нашата прва стратешка цел, а втората е наметнување еден поинаков театар за деца. Ние сакаме на децата, бидејќи ја почитуваме нивната индивидуалност, да им понудиме вистински, стилски театар. Тука ќе се отвораат проблеми од детски агол на гледање, како тие се чувствуваат, и пред с$, како се гледаат себеси, почнувајќи од семејството, училиштето, од околината каде што живеат” - ќе истакне во 2003 година извршниот директор Рефет Абази во време кога стариот објект со вложување многу ентузијазам и со финансиска поддршка од странски донатори, почнуваше полека да го оформува својот сегашен лик, напоменувајќи дека околу Центарот се собрани луѓе на индивидуални релации, по претходна соработка на разни проекти и дека неговото оформување е еден вид школо за сите. Пред крајот, пак, на 2004 година, по тримесечно укотвување во долго посакуваната театарска зграда, Абази со нескриено задоволство ќе потенцира дека е многу задоволен од начинот на кој продолжи да работи Детскиот театарски центар. “С$ што предвидовме, направивме во објектот. Ни недостига само поставување на гледалиштето, односно на соодветни седишта за публиката, за да можеме од јануари 2005 година да почнеме и со редовен репертоар, за кој граѓаните ќе бидат информирани и преку дневните весници”. Абази напоменува и дека од јануари треба да започне и проектот “Култура за сите, сите за култура”, посветен на демократизацијата на културниот живот на децата и младите, на надминување на културната изолација врз етничка основа во контекст на новата административна поделба во Македонија, како и на стимулирање на соработката меѓу локалната власт и независните организации од областа на културата и граѓанските организации. Во рамките на проектот ќе се работи и на обука на обучувачи за градење капацитети за работа со деца и млади во градовите во земјава и во руралните средини, на вклучување на децата од маргинализираните групи во уметничката работа за градење самодоверба. Ќе се работи и на подготовка на серија интеркултурни и мултијазични претстави кои ќе бидат изведувани низ етнички компактни области, на стимулирање локални уметници и театарски групи од провинциските области да продуцираат мултијазична и интеркултурна театарска работа, ќе бидат организирани семинари посветени на културата и заедницата, а во текот на летните месеци, во соработка со Градот Скопје, се планира да биде организиран и Месец на чаршијата со серија културни настани и отворена сцена во Старата скопска чаршија.
Големиот ентузијазам којшто и денес, покрај финансиите, е неопходен за една скоро руинирана зграда да прерасне во модерен театарски објект, го потенцира и техничкиот директор Крсте Џидров, кој со задоволство ги покажува сите делови од објектот, канцелариите, салите за состаноци, сцената, но и кабините со модерна аудиоопрема каде што се сместени преведувачите кои заедно со актерите им ја нудат магијата на театарот на посетителите на неколку јазици. И тој години наназад веруваше во поставената цел, без разлика на многуте актуелни дневно-политички случувања кои придонесоа животот во Старата скопска чаршија во еден период да замре, а во последно време постепено да се враќа заедно со вербата на многумина за нејзина комплетна ревитализација во иднина.
Претстави за големи и мали деца
На сцената на новиот театар обоен во жолто, во продукција на Детскиот театарски центар, се играат претставите “Шареноокиот” - текст на Јерон Незирај, режија на Димитар Елинов, “Кукавицата” - текст на Елин Рахнев, режија - Ѓорѓи Михајлов, а во подготовка е и претставата “Фотографии”, текст - Селвиназе Абази, режија - Владимир Милчин. Во дванаесет града низ Македонија, есента 2004 година театарската екипа составена од возрасни и млади актери ги одигра претставите “Љубов или пријателство”, текст - Благица Секуловска, режија - Куштрим Бектеши, “Старата куќа (куклена претстава), текст - С. Абази, режија - Драган Довлев, “Новиот сосед”, текст С. Абази режија Мартин Кочовски и “Џиновското тркало” (куклена претстава), текст -Криси Наумовски, режија - Драган Довлев. Сите четири претстави се подготвени во копродукција со граѓанската организација “Потрага по заедничка основа”, за чие име се врзува и познатата телевизиска серија “Наше маало” чиишто актери: Фисних Зекири, Захида Амид, Несрим Бектеш, Ненад Анѓелковиќ, Валбона Хоџа, Борјан Крстевски и Бојан Велевски сега играат во претставите “Љубов или пријателство” и “Новиот сосед”. Валбона(15 години), Борјан (16 години) и Бојан (17 години) се чувствуваат “како дома” во новиот театар каде што една декемвриска вечер говореа со задоволство што се актери, што во Детскиот театарски центар сите професионално се однесуваат кон нив, но и дека во нивните одлуки да бидат актери и понатаму во животот сега никој не може да ги поколеба.
“Во Детскиот театарски центар с$ е ‘океј’, има многу добри услови за работа, за разлика од другите градови каде што игравме во претстави на нашата турнеја, но сепак турнејата беше многу добра, запознавме многу луѓе” - вели Борјан. И на Валбона турнејата низ градовите & оставила многу голем впечаток. Таа дотогаш ги имала видено само градовите во западниот дел од Македонија, а за посетените градови во источниот и јужниот дел од земјава вели дека се убави и дека имаат многу добра публика која со големо внимание ги следела цело време.
“За таа публика ние секогаш ќе играме најдобро” - вели Бојан кој како и неговите колеги на турнеите запознал нови луѓе, а со некои од нив веќе и се допишува. Сите тројца потенцираат дека голем дел од нивните пријатели и другари не ни знааат за театарот, но дека не одбиваат да дојдат и да ги гледаат, но и дека отворањето на театарската зграда им овозможила сами да го запознаат професионалниот третман на актерството и да ја запознаат и засакаат чаршијата. За нив не претставува никаков проблем подготовката и изведувањето на претставите на неколку јазици, а нивната публика велат, ги прифаќа без проблем, каде и да одат во кој било град.
Детскиот тетарски центар во Чаршијата во 2003 година успеа по долго време на публиката да & донесе во Чифте амамот и оригинална Караѓоз претстава изведена од Караѓозџии од Турција, со што започна и да се обновува прекинатата традиција. Членовите на Центарот во своите идни планови ги сместуваат и уличните претстави на деца и возрасни, уметничките демонстрации како дел од концептуалната уметност, изложби, концерти и др. Жолтата зграда има убав почеток, & посакуваме многу претстави и преполно гледалиште со публика.
Катерина Богоева
|