Коментар
Акцент на обуките
Донациите, онакви какви што најчесто ги знаеме и ги замислуваме, странски, надворешни, најчесто парични, полека се намалуваат. Всушност, и самите сте свесни колку тешко доаѓате до нив, во последно време. Дали тоа ќе ве поколеба во вашата работа? Дали толку бевте зависни од неа?
Се надевам дека на овие прашања ќе одговорите негативно. Зашто, ако ја следите работата на граѓанското здружување, ќе видите дека на сметка на намалените донации во пари, се зголемија активностите во организирање и понудување обуки наменети за раководење со проектен циклус, стратешко планирање, организациско планирање, финансиско планирање и слично, и тоа на повеќе нивоа – почетни курсеви, напредни курсеви... Тоа се работи со кои најчесто и се среќавате во работата во граѓанскиот сектор. Без теоретска поткрепа, а потоа и практична, лесно може да се случи, и се случува, вашиот проект да биде одбиен од страна на донаторот, или пак лошо да ја поставите организираноста во организација, или пак несоодветно да ги водите финансиските работи. А, како што се вели, за добар проект секогаш има пари. И донатори ќе има секогаш, не мора тоа да бидат фондации или граѓански организации, ами тука е и бизнис-секторот, државните институции...
Вашето учество во финасирањето на овие обуки најчесто е симболично, колку да се знае дека и вие навистина сте заинтересирани за одредената проблематика, што ќе ја зајакне вашата организација, и колку да се запази партиципативноста кон која се стремиеме.
Македонскиот центар за меѓународна соработка продолжува да работи во тој дух. Доказ се минатомесечните обуки на гореспоменатите теми. Доказ се идните конкурси на истите теми.
И не само МЦМС. Насоката ја следат и други граѓански организации. Се надевам дека ќе се приклучите и вие.
Даниел Медароски |