Од Музејот Лувр во Музејот на Македонија
Во допир со антиката - изложба за сите
Хуманата димензија на концептот на изложбата го зголемува нејзиното значење и вредност, потсетувајќи на универзалниот јазик на уметноста, која не ги разликува ниту, пак, ги категоризира своите конзументи
Во Музејот на Македонија во Скопје, на 21 септември, беше отворена изложбата „Во допир со антиката”, од Музејот Лувр во Париз, наменета, пред с$, за слепите и слабовидните лица, но и за сите кои сакаат да ги допрат изложените скулптури и релјефи.
Свеченото отворање беше особено доживување на коешто присуствуваше бројна публика, а за глувонемите лица беше обезбеден и соодветен превод. Со помош на специјално, за оваа прилика, поставените пристапни рампи и гумените ленти на подот, пристапот до изложените 20 експонати што презентираат еден значаен сегмент на историјата на уметноста во светот им беше овозможен на сите. Сите имаа можност да ги допираат поставените копии на скулптури и релјефи и тоа го правеа со особено задоволство.
Оваа специфична презентација со четири скулптури што ротираат и поставените фотографии на ѕидот, позајмени од Тифолошкиот центар од Загреб, им овозможува на слепите и слабовидните лица да ја добијат потребната претстава за формата, големината, убавината на скулптурите и релјефите. Легендите под експонатите се напишани на Браево писмо на коешто треба да биде отпечатено уште едно издание на постоечкиот каталог. „Изложба во ‘Допир со антиката’ ги отвора можностите за новите аспекти на презентирање на културното наследство, овозможувајќи им на љубителите на уметноста големо естетско задоволство, компаративно на перцептивен план. Новиот метод на изложување со запознавање на мотивот на уметничкото дело, преку репродукцијата, со допир ги буди најсуптилните основни вредности на делото. Ова е најдобар начин за популаризирање на творештвото преку ремек-делата на минатото, допрени во сегашноста, обединети со непосредната љубов кон убавината. Музејот на Македонија, во рамките на своите залагања за целосно ‘отворање на музејските порти’ за граѓаните, од самиот почеток ја акцентира потребата за претставување на оваа изложба, тактилна по својот карактер. Хуманата димензија на концептот на изложбата го зголемува нејзиното значење и вредноста, потсетувајќи на универзалниот јазик на уметноста, која не ги разликува ниту, пак, ги категоризира своите консументи” - изјави на отворањето директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов.
Пред да биде поставена во Скопје, патувачката изложба гостуваше во Италија, во Хрватска и во Србија, а се преговора и за нејзино поставување и во Грција. Посетителите имаат можност да ги допрат и видат копиите на едно од најчесто копираните антички дела „Афродита од Милос”, како и калапот за нивното изработување; копии на „Нимфа со школка”; „Лаокон”; „Милон од Кротон”; „Сенека или непознат грчки поет”; „Момчето што вади трн”, копии на „Гладијаторот Боргезе”, како и пирамидата со релјефни цртежи на оваа импозантна скулптура по големината, која е претставена од четири страни.
Може да се допрат и копиите на скулптурата „Карло Велики на коњ”; релјефниот цртеж на споменикот на Марко Аврелиј; фотографија на графички отпечаток од Националната француска библиотека во Париз; релјефен цртеж на коринтски капител, како и негова копија во гипс, како и копиите на релјеф во гипс „Сцена на жртвување” и „Сцена на жртвување на антички начин”. Од Македонија се презентирани три копии, две скулптури од локалитетот Стоби, „Сатир во игра” и „Глава на млада жена” и „Вотивен релјеф на тракиски коњаник”.
Во организирањето и поставувањето на изложбата, поради нејзината специфика, помогнале и Државното училиште за рехабилитација на децата и младинците со оштетен вид „Димитар Влахов” од Скопје и Сојузот на слепите на Република Македонија, а истата ја реализира работниот тим на Одделението за едукација при Музејот на Македонија.
„Соработката за поставувањето на изложбата започна пролетва и ние се консултиравме околу стандардите за поставување на постаментите и на лентите по коишто слепите и слабовидните лица се движат низ музејот, за колоритот, за големината на буквите при презентацијата на делата и др. Задоволни сме од соработката со музејот, особено со Одделението за едукација. На отворањето присуствуваа тројца наши ученици, а планираме наскоро да организираме посета на изложбата со сите ученици со оштетен вид. Важно е исто така што е предвидена можноста по посетата на изложбата, во една од музејските простории, учениците и самите да изработат скулптури од глина или пластелин и да го претстават она што го виделе на овој начин”.
„Сега можам да замислам како изгледале скулптурите во тоа време” - рече една од нашите ученички на отворањето на изложбата, што ми говори за постигнувањето на очекуваната цел” - потенцира тифологот Рената Ристеска од Државното училиште за рехабилитација на децата и младинците со оштетен вид „Димитар Влахов”. Таа напоменува дека учениците во текот на своето основно и средно образование, освен другите предмети, посетуваат настава и по предметите ликовно воспитување и историја на уметноста.
„Преку непосредниот допир на скулптурите и релјефите во повеќе димензии, на посетителите им е овозможено да ја искористат исконската желба на човекот за искажување на неговите најдлабоки и најсуптилни чувства, да ја почувствуваат тактилната перцепција на најубавата и најженствената фигура на античкото скулпторско наследство, совршената изведба на машкото тело, портретите на митлошките ликови, капителот како еден од архитектонските елементи, сцените од вотивните елементи. Со вклучувањето на допирот во доживувањето на античките дела им овозможуваме на лицата со посебни потреби да ги почувствуваат и да уживаат овие дела, а на сите други посетители, користејќи уште едно сетило, да го пополнат визуелното” - вели раководителката на Одделението за едукација, Симонида Миљовиќ.
„Во допир со антиката” е прва изложба од ваков вид во поголеми размери, организирана во Музејот Лувр, наменета за слепите лица. Тактилната галерија на Музејот Лувр е основана во 1995 година и во нејзиниот склоп постои и одделение за скулптура. Во галеријата се изложени 20 скулптури и како постојана поставка таа е секојдневно отворена за заинтересираните посетители кои можат да ги допираат скулптурите.
Тактилната галерија с$ уште е прва и единствена од ваков вид во Франција и за неа, според изјавата на историчарот на уметноста, Сирил Гујет од Музејот Лувр постојано постои голем интерес од страна на медиумите и од посетителите. Нејзините активности во изминатите две години се реализираат според нова образовна програма, не само осмислена за слепите и слабовидните лица, туку и за другите посетители. Постојат програми за децата, за училиштата, за различни групи посетители, а галеријата соработува со различни здруженија на слепи лица кои редовно ги информира преку писма за своите активности
„Допирот на скулптурите е она што ги привлекува сите посетители. Здобиеното наше искуство при работата е пренесено во архитектонското поставување, при презентирањето на делата, на можностите за пристап на лицата во колички, како и на децата. Не ни е важен само бројот на експонатите, туку вистинскиот избор на копии коишто ќе побудат голем интерес. Планираме во иднина да изложиме дела преку коишто ќе бидат презентирани силата и моќта на животните” - изјави Гујет, во Скопје, по отворањето на изложбата во Музејот на Македонија.
|