Иницијатива на група граѓански организации
Основана Граѓанската платформа на Македонија
На 16 март 2004 година во Скопје се основа Граѓанската платформа на Македонија. Граѓанската платформа на Македонија е иницирана од група граѓански организации посветени на градење на граѓанското општество во Република Македонија. Идејата за основање на платформата е поврзување на граѓанските организации во демократска расправа на идеи, формулација на предлози, слободна размена на искуства и меѓусебно поврзување за делотворна акција насочена кон постигнување видливи резултати во општеството.
Граѓанската платформа на Македонија има плуралистички, разновиден, нерелигиозен, невладин и непартиски контекст што на децентрализиран начин ги поврзува граѓанските организации вклучени во конкретни активности, од локално, преку национално, до меѓународно ниво.
Легитимноста на Граѓанската платформа на Македонија ќе биде резултат на нејзината способност да го зајакне граѓанското општество (граѓанскиот сектор), добро да го вкорени и да обезбеди организираност и постојаност. Граѓанската платформа на Македонија ги собира и меѓусебно ги поврзува граѓанските организации (и другите чинители на граѓанското општество во Македонија), но нема намера да биде тело што ексклузивно ќе го претставува македонското граѓанско општество.
По својот правен статус, Граѓанската платформа на Македонија е неформална организација.
Граѓанската платформа на Македонија има свои постојани и повремени тела. Постојани тела се: Советот, Комитетот и Секретаријатот.
Советот е постојано тело коешто има водечка улога во процесот на дефинирање на принципите, стратешките правци и основните начела на Граѓанската платформа на Македонија. Сите органзиации кои учествуваа на основачкиот состанок и ја изразиле својата волја за вклученост во Граѓанската платформа се членки на Советот.
Комитетот го сочинуваат 11 организации и три индивидуални членови, кои имаат извршна улога во организацијата на Граѓанската платформа. Како поддршка на Граѓанската платформа на Македонија и нејзините постојани и повремени тела, воспоставен е Секретаријат, кој до следниот состанок на Советот ќе биде лоциран во Македонскиот центар за меѓународна соработка. Граѓанската платформа на Македонија е отворена за сите граѓански организации во Република Македонија. Покрај основните критериуми за членство (форма на организација, резултати, ресурси, внатрешна организација, односи со другите актери, отчетност и транспарентност), механизмот на прием е преку пополнување пријава и доставување потребна документација до Комитетот. По препорака на Комитетот, Советот одлучува за прием на новите членки. Минимумот финансиски средства за функционирање на Граѓанската платформа на Македонија ќе бидат обезбедени од страна на членките преку плаќање годишна членарина.
Програмата за работа на Граѓанската платформа на Македонија ќе биде дополнитело определена. |