9 Мај, Ден на Европа
Унија градена на челична основа, носена од крилјата на мирот
Албанска верзија
Визијата на неколкумината големи политичари прерасна во еден од најуспешните примери за градење мир, соработка и помирување во светот. Токму тоа е она што Европската Унија ја прави посебна. Принципите кои ја држат поцврсто од челични темели, и либералните идеи со кои граѓаните на ЕУ веќе 55 години летаат на крилјата на мирот
“Светскиот мир не може да биде одбранет без креативни напори пропорционални на опасностите што го загрозуваат” – се почетните редови на Декларацијата позната како Шуманова, врз чија основа е зацртана денешната Европска Унија.
Четири години по завршувањето на Втората светска војна, една од најкрвавите во историјата на човештвото, на 9 мај 1950 година во Париз, Франција, беа поставени темелите на она што денес го препознаваме како Европска Унија. На тој датум, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја презентира Декларацијата и идејата за основање европска заедница за јаглен и челик, со цел да се воспостави заедничка контрола над овие суровини и тие во иднина да се користат во мирнодопски цели. Идејата беше и преку ваков вид поврзување да се обединат државите кои беа довчерашни противници, пред с$ Германија, Франција, и останатите кои беа волни да го остават минатото зад себе и да градат подобра заедничка иднина. Всушност, на мошне симболичен начин, челикот и јагленот, едни од основните суровини на кои се базира воената индустрија, сега станаа катализатор на мирот.
Визија за мир и соработка
Неколку визионери, меѓу кои Конрад Аденауер, Винстон Черчил, Алчиде де Гаспери и Роберт Шуман, пет години по војната ја втемелија денешната ЕУ. Најпрвин, во 1951 година беше основана Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), во која членуваа шест држави – Белгија, Федерална Република Германија, Франција, Италија, Луксембург и Холандија. Во 1957 година беа основани Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (Евроатом). Со договорот од Мастрихт (1991) ЕЕЗ беше преименувана во Европска заедница, а потоа, со додавање нови подрачја на дејствување, беше создадена Европската Унија. Следуваа договорите од Амстердам (1997) и од Ница (2001) кои воспоставија нови принципи за широка унија која опфати многу нови подрачја во кои беше градена заедничка политика.
Работата за заеднички просперитет и развој беше она што ги помири “победниците” и “поразените” од војната. Денес во ЕУ никој за никого не размислува под тие поими. Визијата на неколкумината големи политичари прерасна во еден од најуспешните примери за градење мир, соработка и помирување во светот. Токму тоа е она што Европската Унија ја прави посебна. Принципите кои ја држат поцврсто од челични темели, и либералните идеи со кои граѓаните на ЕУ веќе 55 години летаат на крилјата на мирот.
Заеднички вредности и стандарди
Денес, Европската Унија, како и останатите европски држави кои својата иднина ја гледаат во ЕУ, го прославуваат Денот на Европа и истовремено 55-годишнината од Шумановата декларација. Економскиот и социјалниот развој, еколошката и регионалната димензија, се вредностите над кои е градена Европската Унија. Над нив, надоградени се принципите кои ги почитуваат сите граѓани - човековите права, социјалната солидарност, слободното претприемништво, праведната распределба на резултатите од економскиот развој, правото на здрава животна средина, културната, јазичната и верската различност, хармоничниот спој на традицијата и напредокот... Токму затоа, годинава мотото на Денот на Европа е “Здружени во различноста” (Унитед ин диверситѕ).
Европската Унија е конципирана да биде сервис на своите граѓани. Воспоставен е механизам на силно и слободно граѓанско учество, така што и покрај постоењето на навидум комплициран систем составен од националните влади и заедничките европски тела, таквиот демократски принцип овозможи достоинствен и просперитетен живот за нејзините граѓани.
За Македонија, годинешнава прослава на Денот на Европа има посебно значење. Годинава, Македонија очекува да направи значителен чекор поблиску до членството во ЕУ. Но, граѓаните на Македонија треба да знаат дека членувањето во ЕУ, освен бенефициите, со себе носи и обврски за почитување на основните стандарди и доблесните принципи со кои се гордее Унијата. Македонија таквите стандарди и принципи треба да ги изгради самата, во себе, и како свој придонес да ги внесе, наскоро, еден убав ден, во ЕУ.
Денот на Европа во Македонија Чекор напред
Здружението “Европското движење во Република Македонија” по петти пат годинава ја координира прославата на 9 Мај во нашата држава, во соработка со Меѓународното европско движење од Брисел, Делегацијата на Европската комисија во нашата држава, Секторот за евроинтеграција при Владата на Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер и Советот на Европа. Мотото на прославата годинава ќе биде “Чекор напред”, како алузија на прогресот во процесот на евроинтеграција. Активностите ќе траат од 1 до 9 мај, а нивната цел е да се поттикне јавната свест за европските вредности, да се мобилизираат граѓаните, а особено младите, за процесот на евроинтеграција, да се развие јавен дијалог за овој процес да се прифатат реформите и системските промени како предуслов за квалитетно приклучување на Македонија во ЕУ.
На Пелистер, од 1 до 3 мај, ќе се организира младински едукативно-рекреативен камп, а од 4 до 6 мај трибини и работилници за евроинтеграцијата. На 6 мај Штуловиот универзитет ќе биде домаќин на европски студентски семинар на кој ќе учествуваат студенти од сите универзитети во Македонија. На 8 мај ќе се одржи свечена академија, а на 9 мај, во утринските часови, Шефот на Делегацијата на Европската комисија ќе го предаде знамето на ЕУ, кое заедно со македонското, група планинари ќе го постават на неколку планински врвови во земјава. Во Собранието на Република Македонија ќе се одржи меѓународна конференција на тема “Нашето големо ЗА за новиот Устав на Европа”, а на плоштадот “Македонија” во Скопје ќе биде организиран хепенинг со спортски и сценски активности, што симболично ќе ја претстави “трката” на Македонија на патот кон ЕУ.
Придружни активности ќе организираат и други организации. Во 12-те градови каде постојат центри за поддршка на НВО (поддржани од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, Европската агенција за реконструкција и Швајцарската агенција за развој) кои се истовремено и инфоточки на ЕУ, ќе се организираат бројни активности за Денот на Европа.
Централна прослава во Москва Шест децении од големата победата
Паралелно со прославата на Денот на Европа, годинава се одбележуваат и 60 години од победата на фашизмот во Европа. Москва, во Руската Федерација, е седиште на централната манифестација што ќе се одржи на 9 мај, на која ќе учествуваат официјални претставници од целиот свет. Организацискиот комитет, предводен од претседателот Владимир Путин, веќе ја подготви програмата на прославата, со наслов “Победа”. Повеќе информации за оваа манифестација можат да се најдат на њњњ.маѕ9.ру.
Д-р Димитар Мирчев, претседател на Европското движење на Македонија 9 Мај – поттик и предизвик за Македонија
Одбележувањето на Денот на Европа, 9 Мај, е јубилејно колку за Европа толку и за Македонија. Шеесет години од крајот на Втората светска војна и победата против фашизмот, но и триесет години од почетокот на т.н. Хелсиншки процес кој ги удри темелите на модерна Европа. Петнаесет години од воведувањето на демократскиот поредок и свртувањето на Македонија кон Европа, чија унија годинава треба да ја официјализира нашата кандидатура за полноправна членка.
По петнаесет години тешки искушенија и напори да ја освоиме нашата независност и сувереност, но и да се справиме со законитостите на пазарот и сопственичката економија, со демократските односи и почитувањето на човековите права и граѓански слободи, денес ни изгледа дека сепак најтешкото е минато. Дека придружувањето на семејството на слободни, просперитетни и обединети европски народи е реално, блиско и остварливо. Македонија е веќе во една динамика и процедура на акцесија кон Унијата: таа може да се забрза или да се забави, но не може да се запре или да се измени.
Но, јубилејот и Денот на Европа го одбележуваат пред с$ македонското општество и граѓанскиот сектор, бидејќи тие се дел од европското општество, бизнис, култура, наука и образование. Владите само го сервисираат политичкиот механизам на интеграцијата. Македонската економија, граѓанскиот сектор, социјалните, етничките, верските и локалните заедници, јавните и непрофитни институции, професионалните и интересовни здруженија, се тие што вистински се интегрираат; тие го даваат вистинскиот придонес и ги вклучуваат нашите стопански, културни, образовни и демократски потенцијали во европското општество, цивилизација, економија и политика.
Европското движење во Република Македонија уште од 1992 година е дел и полноправен член на Меѓународното европско движење со седиште во Брисел. Тоа ги опфаќа, координира и насочува напорите на многубројни кругови на граѓанскиот сектор, етничките заедници, младината и студентите, бизнисот и интелигенцијата во Македонија, во земјата да се профилира една јасна европска култура и вредносна ориентација, да се европеизираат нашата продукција, размена, услуги, да се поттикнат кон европските текови. Движењето има пет ограноци во големите градови во државата, има повеќе од дваесет колективни членови и спонзори, организира масовни и квалитетни образовни, информативни, комуникациски и истражувачки програми. Само во овогодишното одбележување на 9 Мај, Движењето ќе има повеќе од дваесет манифестации од меѓународен и национален карактер, низ државата. Наскоро, во мај, ќе се оформи и Евромрежата на граѓански организации и здруженија во Македонија, која треба активно да се вклучи во Европскиот граѓански форум, цивилен пандан на Унијата.
Нашите настојувања се во тоа јавноста, младината и организираниот граѓански сектор, на Европа да & пристапат не како кон обврска и судбина, туку како кон предизвик и поттик, заради Македонија и заради нас самите.
Маријана Иванова
|