На втори февруари стартува меѓународната Декада на Ромите 2005-2015 година
Подобар живот за најмаргинализираното малцинство во Европа албанска верзија
Според официјалните извори во Македонија живеат 65.000 Роми. Најголем дел од нив, 85 отсто, живеат од социјална помош, во населби без потребна инфраструктура, во субстандардни услови, изолирани од останатото население, а многумина поради тоа што немаат друг излез се оддаваат на питачење. Од 400 регистрирани деца на улица сите се Роми.
Ромската декада 2005-2015 година би требало да биде пресврт за 12 милиони Роми кои се најсиромашното малцинство во Европа, постојано на маргините на општествените случувања, во многу земји дискриминирани, претепувани на улица само поради тоа што се со потемна боја на кожата, единствено малцинство во Европа кое с$ уште живее во гета. На втори февруари со конференцијата во бугарскиот главен град Софија и официјално стартува меѓународната Ромска декада 2005-2015 година. Целите на декадата се вклучување на Ромите во општествениот живот, нивното образование, намалување на сиромаштијата, како и подобрување на домувањето. Но, со каков старт ја дочекуваат декадата македонските Роми?
Според официјалните извори, во Македонија живеат 65.000 Роми. Најголем дел од нив, 85 отсто, живеат од социјална помош, во населби без потребна инфраструктура, во субстандардни услови, изолирани од останатото население, а многумина поради тоа што немаат друг излез се оддаваат на питачење. Од 400 регистрирани деца на улица сите се Роми. Ниту сликата за степенот на образованост на Ромите не е подобра. Од 7.868 Роми кои се запишале на училиште, основното образование не го завршиле ниту 600 ученика. Најголем број од македонските бездомници се од ромски семејства. Само пет отсто од Ромите се вработени во државните претпријатија, и тоа на места кои се најслабо платени. Сепак, најстрашно е тоа што ромската приказна се повторува - од генерација на генерација. Се наоѓаат во маѓепсан круг од кој како да нема излез...
“Живеам крај Вардар со жена и пет деца во куќарка од лим и картони. Не знам дали тоа може да се нарече вистински дом. Не, патос немам, а тоа што ме прашуваш... некаква инф... не знам ни да го изговорам. Мислите на струја, вода? Не, немам струја, вода земам, за перење од Вардар, а за пиење од блиските јавни чешмички. Децата не одат на школо. Е, некогаш питаме, некогаш, ако најдеме хартија, продаваме”, вели триесетгодишниот Алил Ариевски, кој вели и дека не е писмен, дека неговата сопруга со најмалото дете питачи по згради, останатите деца повремено питачат низ скопските маала, а ако најдат вода и крпа бришат шофершајбни на раскрсниците. Најмладите од семејството Ариевски неколку месеци беа и во домот за незгрижени деца. “Не можам да ги оставам таму засекогаш. Деца ми се. Можеби таму имаат храна и кревет, ама јас не можам без нив...”, вели сопругата на Алил.
Ромите кои се најсиромашните жители на земја каква што е Македонија каде што има над 35 отсто невработени се соочуваат со уште еден проблем, со тивката дискриминација. Иако сакаме да се пофалиме со тоа дека Ромите во Македонија се најдобро интегрирани во однос на останатите земји од Југоисточна Европа, сепак тие се дискриминирани кога е во прашање вработувањето, судските процеси или пак при судир со надлежните органи на полицијата. Истражувањата покажуваат дека неромското население во Македонија со потценување гледа на Ромите, па така дури 59 отсто од испитаниците кажале дека имаат аверзија кон Ромите. Може ли со разбивањето на стереотипите за Ромите да се промени и односот на неромското население кон ромското?
“Сметам дека ние, Ромите, можеме да докажеме дека може поинаку, дека не мора да питачиме или да живееме од туѓа милостина. Мораме да сфатиме дека само образованието ќе ни помогне да излеземе од маѓепсан круг во кој неписмените родители ги одгледуваат децата кои исто така ќе останат без школо, од причина што нема кој да ги насочи на вистински пат. Можеме своите природни дарби да ги издигнеме на академско ниво. На пример, сите велат дека Ромите се музикални, ги сакаат нашите песни. Ете, јас решив оваа ромска вродена дарба да ја издигнам на академско ниво”, вели Билен Еминов, студент на Музичка академија кој секојдневно доаѓа во центарот “Ромаверситас” на Институтот Отворено општество - Македонија. Билен Еминов е еден од 64-те студенти стипендирани од оваа фондација која исто така стипендира и 256 средношколци, 900 основци како и 179 деца во предучилишни установи низ цела Македонија.
Прашањето кое се наметнува е како Ромите да го направат големиот исчекор - како од маргинализирана општествена група да станат рамноправни членови на општеството, вклучени во институциите на системот? “Само со заеднички напори ќе се остварат целите на ромската декада. Тоа значи дека не може да се очекува Ромите сами, без помош од другите, да ги надминат сите тешкотии, а не може ниту неромското население да им каже на Ромите ‘од утре ќе живеете онака како ние мислиме дека треба’. Сметам дека работата на граѓанскиот сектор е особено важна за ромската декада, а посебен акцент е ставен на соработката на ромските граѓански организации со другите асоцијации од граѓанскиот сектор”, вели Владимир Лазовски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, соработник на проектот “Применето образование за младите Роми”, проект кој се одвива во 11 града во земјата.
Факт е следното. Ромите во Македонија имаат свои политички партии, свој претставник во парламентот, свои медиуми, а единствени во Европа имаат и своја општина, Шуто Оризари, со над 30.000 жители. Меѓутоа, факт е дека тоа е и најсиромашната општина во Македонија, која е без потребна инфраструктура, со најголем број социјални случаи, со две основни училишта во кои условите за работа се мизерни, со амбуланта која не функционира, а во оваа општина нема ни примарна здравствена заштита.
“Таму кај што почнуваат ромските населби, таму завршува инфраструктурата. Ромите немаат пристојни живеалишта, тие се најзапоставени во Македонија. Затоа се надевам дека Ромската декада нема да остане само на хартија и дека декадата навистина ќе придонесе за подобар статус на Ромите. Истовремено, мислам дека децентрализацијата успешно ќе биде спроведена и во единствената ромска општина затоа што токму децентрализацијата ќе ги зацврсти позициите на локалните структури кои ќе можат да влијаат врз квалитетот на животот на сите жители”, објасни Неждет Мустафа, единствен пратеник Ром.
Како што многу работи (да не речеме сите) зависат од парите, очигледно е дека и успешноста на Ромската декада ќе зависи од финансиската помош на државата. Имено, Декадата на Ромите нема да ја финансираат меѓународните организации, туку владите на осумте земји од Централна и Југоисточна Европа кои се вклучени во неа. Тие ќе мора сами да изнајдат средства за спроведување на зацртаните стратегии за Ромите или во краен случај да се надеваат на поволни кредити од Светската банка.
Министерството за труд и социјална политика изготви и нацрт-стратегија за Ромите во Република Македонија.
“Кога се зборува за разрешувањето на проблемите на Ромите, на тоа мора да се гледа како на процес кој се очекува да трае подолго време со цел навистина да покаже резултати. Тоа значи инволвираните во тој процес, Владата, ромската заедница и нивните претставници, како и целата македонска јавност, упорно да се обидуваат да ги реализираат задачите кои се поставени во Стратегијата”, вели Наташа Габер од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања која заедно со Анета Јовевска е изготвувач на Националната стратегија за интеграција на Ромите. “Ромите се најранлива категорија. А, како за најранлива категорија не може да се зборува за еден проблем, туку за сплет на повеќе. Лично сметам дека најитен проблем е домувањето, а со него се врзани образованието, здравството и вработувањето. Позитивните промени во овие домени неминовно ќе поттикнат подобрување и во другите области”, истакнува Габер.
Ромската декада тече. Многумина од Ромите ниту знаат ниту слушнале за неа. Повеќето од нив не се надеваат на подобро утре и гледаат како да го преживеат денот. Но, многумина од нив го направиле и вистинскиот исчекор. Завршиле средно, се запишале на факултет, се вработиле и постојано се усовршуваат. Докажуваат дека Ромите можат, дека Ромите умеат.
Интеграција на Ромите во Словачка и во Македонија од Ебен Фридман
Македонија - единствена национална држава во светот која го издигна ромскиот јазик на ниво на официјална примена
“Ако на повеќето посткомунистички режими им е заедничко тоа што ‘тврдоглаво одбиваат да ги признаат Циганите како национално малцинство, па дури ни како етничка група’, како и ‘постојаните обиди да се намали статистичката важност на циганската заедница’, тогаш Македонија претставува исклучок и по двете основи (Димитријевиц 1993:66). Македонскиот попис од 1994 година, не само што ја прикажува Македонија како модерна балканска национална држава, со најголем број официјално признати малцински јазици, туку ја прави Македонија ‘единствена национална држава во светот која го издигна ромскиот јазик на ниво на официјална примена’. Значењето на таквата употреба на ромскиот јазик не лежи само во неговата легитимизација како посебен ромски идентитет, туку исто така и во напредокот во стандардизацијата на ромскиот јазик за официјална употреба и надвор од потребите на пописот”. ( Ебен Фридман, “Интеграција на Ромите во Словачка и во Македонија - компаративна анализа”, Македонски центар за меѓународна соработка, Скопје 2005).
“Морам да признам дека додека живеев во Соединетите Американски Држави воопшто немав можност да се запознам со некој кој припаѓа на ромското малцинство”, вели Ебен Фридман, американски политиколог. “Секако, слушав за Цигани, во една негативна конотација. Но, кога дојдов во Словенија и кога ги запознав Ромите сосема добив една друга слика за нив. Тие се луѓе со сите свои маани и доблести, како впрочем и сите ние, но истражувањето го почнав поради тоа што забележав дека во Словенија ромското население живее сосема одделно од неромското население. Ме интересираше зошто е тоа така. Истражувањата ги вршев во неколку земји, но се задржав на Македонија и на Словачка како на две спротивности - во Македонија како земја во која Ромите се најдобро интегрирани и во Словачка, каде тие се крајно дискриминирани, каде тие буквално живеат во гета, а на улица може да бидат претепани од словачки националисти и никој да не го бара виновникот. Во Македонија не може да се случи такво нешто. Дури и погрдниот израз Цигани во Македонија с$ помалку се употребува и му го отстапува место на зборот Роми”, објасни Фридман при престојот во Скопје.
Ебен Фридман кој работи во Европскиот центар за малцински прашања во Фленсбург, Германија, и кој и понатаму се занимава со ромското прашање, и тоа главно во Македонија и на ромската популација во посткомунистичка Источна Европа.
Мариа Кука
|