Алтернативен начин за намалување на невработеноста кај младите во ЈИЕ
“Зелените” вработувања се иднината на општина Орестидос
Еколошкиот, културниот, селскиот туризам, како и разните форми на алтернативен туризам, производството на здрава храна, планинарењето и рекреативното движење низ планините и речните кањони, шумарството, собирањето и преработката на шумските плодови се дел од работните места кои можат да се означат како “зелени”, а кои се применуваат во општината Орестидос, која и припаѓа на префектурата Костур, во северозападна Грција Додека црвениот автобус на општината Орестидос ја превезуваше нашата група низ селата во близината на Костур (северозападна Грција), не можев да се ослободам од мислата и зборовите „полиња жито, ридишта крв”, кои го означуваат насловот на книгата на Анастасија Каракасиду, посветена токму на оваа област, на овие полиња и планини кои ги набљудувавме од автобусот.
Златно-жолтите површини пресечени со ридови зад кои се наѕираа врвовите на планините Аренес, Одрија и Грамос и басените на реките Алијакмонас и Сарантапорос низ нашите прозорци изгледаа питомо, но знаев дека во себе кријат болни приказни поврзани со граѓанската војна во Грција.
„Зелени” работни места
Нашата група која се движеше низ овие предели имаше сосема друга цел, свртена кон иднината и кон подобрувањето на животот на луѓето од оваа област, како и пошироко, регионот на Југоисточна Европа. Како да се поттикне развојот и меѓународната соработка во областа на заштитата на животната средина – беше насловот на проектот спроведен од грчкото здружение Калисто, кој во прекрасната Костурска област собра неколку здруженија на граѓани од Македонија, од Грција и од Бугарија. Македонската група, координирана од здружението „Ерина” од Скопје, се состоеше од група млади до 25-годишна возраст. За повеќето од нив тоа беше прво сретнување со тренинг од овој тип, но и со темата која беше во фокусот.
Спроведен во рамките на програмата Јут (Ѕоутх) на Европската комисија, проектот имаше специфичен фокус – проблемот на невработеноста на младите од регионот и како тој може да се намали преку промовирањето на таканаречените „зелени” работни места (греен јобс), поточно работни места кои се поврзани со животната средина, придонесуваат кон нејзиното одржување и заштита или пак на одржлив начин ги користат и промовираат природните ресурси.
Учесниците имаа можност да посетат неколку локалитети каде се практикуваат таквите „зелени” работни места. Тие за потенцијалите и можноста за вработување поврзани со животната средина во оваа област разговараа со градоначалникот на општината Орестидос. Еколошкиот, културниот, селскиот туризам, како и разните форми на алтернативен туризам, производството на здрава храна, планинарењето и рекреативното движење низ планините и речните кањони, шумарството, собирањето и преработката на шумските плодови се дел од работните места кои можат да се означат како „зелени”, а кои се применуваат во оваа општина. Кај општинските органи постои разбирање и подготвеност таквите дејности да се поддржат и да се третираат како една од насоките на развојот на општината.
Речна забава, скаменета шума, традиционални рецепти...
Во Аргос Орестикос и во Костур можат да се обезбедат водичи кои туристите ќе ги запознаат со природните локалитети на ова богато подрачје и ќе им дадат стручно толкување на локалната флора и фауна. Туристите можат да стапат во контакт со професионални планинари кои ќе ги поведат низ планините, речните басени, до водопадите и алпските ливади (тука е најјужното распространување на алпските пасишта). Во Костур, градот со 80 византиски цркви, може да се најми чамец или пак да се приклучите во групата која со поголем брод прави прошетка по Костурското Езеро. Покрај посетата на црквите, музеите и другите знаменитости, во Костур може да се посети и Едукативниот центар за животна средина, кој нуди информации за природните локалитети во околината.
Музејот и Скаменетата шума во Ностимо беше првата дестинација на нашата меѓународна група. Одлично уредениот музеј претставува магнет за туристите кои доаѓаат во регионот, а прошетката низ шумата, каде можат да се видат фосили од школки, полжави, како и петрифицирани дрвја, е мошне атрактивна.
Во близина на селото Несторио, во кањонот на реката Алијакмон, секоја година на почетокот на август се одржува Речна забава (Ривер Партѕ) која привлекува многу посетители. Во текот на една седмица се одржуваат концерти на познати грчки и странски бендови, како и други содржини: куклен театар, пешачки и планинарски тури по околината и спортување, а на гостите им се нуди сместување во селски куќи, мали хотели, или пак кампување. Големиот логорски оган обично го означува крајот на забавата.
Особено интересна беше и посетата на една од фармите каде се применува традиционално и органско земјоделие. Земјоделските производи не се третираат со хемикалии и вештачки ѓубрива, а храната произведена на овој начин имавме прилика и лично да ја пробаме.
Археолошките локалитети во Грција се неминовност. Но, меѓу другите особено беше интересна посетата на праисториската езерска населба со наколни живеалишта во близина на местото Диспилио. Реконструирани се неколку наколни колиби, кои на жив, автентичен начин го доловуваат некогашниот живот. Оваа наколна населба се смета за најстарата од својот вид во Европа и е место кое мора да се види при посетата на овој крај.
Манастирите, ископините од хелинистичкиот и од римскиот период, спортските локалитети, селата со автентичните таверни и „узерии”, се само дел од останатиот потенцијал во оваа општина кој нуди можност за „зелено” вработување. Тој потенцијал е очигледно препознаен и од младите луѓе, така што повеќето од селата и малите места се живи и развиени.
Посетите на живописните села, градовите Костур и Аргос Орестико, културните локалитети и планинарењето, беа проследени со интересни презентации и предавања кои ги одржаа членовите на здружението Калисто, како и некои од гостите. Но, како што крајот го краси секое дело, така особен печат на ова десетдневно дружење му дадоа двете забави, од кои едната се состоеше од готвење традиционални јадења карактеристични за секоја земја. Македонскиот качамак и лутеница, грчката скара и бугарската баница беа проследени со размена на адреси и ветувања дека пак ќе се сретнеме, на некоја друга планина
Костур и Орестидос
Гравче, јаболко и костен се симболите на општината Орестидос, која & припаѓа на префектурата Костур. На територијата на општината се наоѓаат преубави костенови шуми, во кои живее богат див свет, меѓу кој и мечки. Едно од селата и го носи името Кастанофито (во слободен превод, Костеново). Во оваа општина спаѓаат реката Алијакмонас и планината Одрија. Градот Аргос Орестико, кој е седиште на општината, е изграден во близината на античкиот Доклецијанополис. Во него се наоѓаат околу 70 вили во неокласичен стил, кои му даваат особен печат на убавина. Во општината се најдени и значајни палеонтолошки наоди, а Скаменетата шума е една од туристичките дестинации.
Костур (Касториа), еден од најубавите градови во Грција, се наоѓа на полуостров кој како прст навлегува во Костурското Езеро. Од едниот брег се гледа спектакуларен изгрев, а од другиот ист таков залез на сонцето. Костур е познат по 80-те мали еднобродни византиски базилики, прекрасно живописани, и по старите вили – таканаречени мансиони, на езерскиот брег. Особено е убав стариот дел, Дулчо, со сочувана традиционална архитектура, која многу потсетува на охридската и на крушевската.
|