погледи
Малите заедници во транзиција и граѓанските и/или невладините организации
Со појавата на новите граѓански субјекти во нашата општествена и културна реалност, на луѓето кои професионално се занимаваат со следење и проучување на општествените процеси, им се отворија нови истражувачки хоризонти. Во државите каде што граѓанското општество е традиционална вредност и функционира од многу поодамна, истражувачите востановија посебна истражувачка дисциплина, која, некои од нив, колку сериозно, исто толку и иронично, ја нарекуваат “НВО-логија” (НГО-логѕ), или дисциплина за истражување на невладините организации.
Во рамките на истражувачкиот проект “Малите заедници во транзиција” на Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, во 2004 година започнавме истражување што, главно, се фокусира на утврдување на состојбите со малите заедници (урбани, семиурбани), односно помали гратчиња во Македонија и нивното опстојување во периодот на “транзиција”. Истражувањето се реализира на две локации, Крива Паланка и Самоков, и има цел да ги согледа основните процеси и промени што се случија на општествен, економски, културен, и политички, како на ниво на индивидуи, уште повеќе на ниво на заедници. Интересно е што, иако пред да го започнеме истражувањето немавме никакви индикации за состојбите со граѓанската организираност, се покажа дека сме избрале две тотално различни средини, кои сметаме дека ќе бидат интересен показател за состојбите на малите заедници и граѓанската организираност.
Општината Самоков, која с$ уште опфаќа повеќе селски населби и населбата Самоков, нема ниту една граѓанска асоцијација или невладина организација (освен ако го иземеме Здружението на пчеларите), која досега немала позначајни импликации на економското или општественото живеење на Порече. Со оглед на тоа што во овој регион имаме долгогодишно истражувачко искуство, со сигурност можеме да потврдиме дека капацитетите на локалната заедница за граѓански иницијативи се толку ниски, што се наложува потреба за интензивно работење со локалното население во наредниот период, за да се поттикне на граѓански иницијативи и организирање. Се разбира, причините за ниските капацитети не се поврзани со менталните карактеристики на населението, туку напротив, со општествената инфраструктура (потполна депопулација на просторот, потполн економски и производен анимозитет), која досега не овозможила никакви потенцијали, ниту предуслови за граѓански иницијативи. Малку посвежи иницијативи во општествениот живот на Поречани се случиле од востановувањето на Општината Самоков, која за жал според сите индикации, со новопредложената законска регулатива за административната поделба во Република Македонија, ќе биде укината. Со досегашните истражувања јасно се утврдени позитивните ефекти на локалната самопуправа врз развојот на локалните заедници. Впрочем, и во доменот на граѓанското здружување, локалните самоуправи играат значајна улога како солидна база и поттик за граѓанско здружување.
Иако во споредба со општината Самоков, општината Крива Паланка популациски е значително побројна и според пописот од 2002 година таму живеат околу 21.000 жители, сепак во поглед на бројност оваа општина спаѓа во категоријата “мали заедници”. Но, иако станува збор за мала заедница, за разлика од општината Самоков, граѓанското организирање и дејствување во асоцијации наоѓа одлична база за развој, а како резултат на “граѓанскиот интерес” за вакво дејствување доаѓа до хиперекспанзија на ваквите здруженија и од средината на деведесеттите години на ХХ век во општината Крива Паланка биле регистрирани повеќе од 50 невладини граѓански здруженија или асоцијации. Се разбира, денес не функционираат сите, но ги има многу, така што уште со првичното рекогносцирање на теренот, може да се заклучи дека граѓанското здружување претставува значаен општествен фактор во оваа мала заедница. И покрај тоа што јавното мислење на граѓаните е дека економската ситуација е поразителна, податоците за протокот на средства, идеи, луѓе, покажуваат дека во општина Крива Паланка има драстично различна ситуација од онаа во општината Самоков, односно граѓанските иницијативи и активности на граѓанските здруженија имаат значајно место во транзицискиот процес на оваа мала заедница.
Со оглед на тоа што во оваа прилика не сме во состојба подетално да ги елаборираме сите аспекти на местото, улогата, значењата и импликациите на граѓанските организации во малите заедници во целост, сметаме дека е потребно да се истакнат само неколку важни аспекти за кои, граѓаните, но посебно истражувачите на општествените состојби, треба да се свесни. Прво, граѓанските асоцијации може да им дадат солидна основа на граѓаните активно да се вклучат во создавањето на својата општествена реалност. Второ, што е многу значајно, а тоа дека Македонија иако, како дел од поширокиот регион “во транзиција”, добива значително големи средства за промоција и развој на граѓанските вредности, во најголем дел од постигнатите резултати на проектните активности квалитативно не соодветствуваат со показателите за вложените средства на западните донатори или поедноставно, потрошени се многу средства, а резултатите главно не се задоволителни и показателни. А од друга страна, забележливи се многу недоследности во практичното работење на поголем број граѓански асоцијации, кои во голема мера се слика на нашето општество, а спротивно на тоа, тие би требало да претставуваат “коректив” во општествата и официјалната политика која се протежира. Како најиндикативни “болести” на граѓанските асоцијации се покажуваат: недоволната компетентност на граѓаните вклучени во различни асоцијации кои дејствуваат во различни сфери од општественото живеење или недоволна вклученост на стручни лица во имплементацијата на програмите на таквите асоцијации; појава на непотизам и конфликт на интереси кај активистите во асоцијациите; недоволна транспарентност при реализирањето на трошоците во текот на реализацијата на проектите.
Овие појави не се ниту нови, ниту единствени за Македонија. Тука ги истакнувам, само со цел, вклучените страни, но најмногу граѓаните, да се позанимаваат со проблемите или “болестите” кои ги намалуваат функциите и ефектите на граѓанските проекти во граѓанското општество.
(авторот е доцент на Катедрата за етнологија при Природно - математичкиот факултет
|